Доктор Беќаровски: Од „само пијте дома минерали, витамини Ц и Д“, доаѓаат пациенти со сериозни компликации

Директорот на Клиниката за токсикологија, д-р Нино Беќаровски во интервју за Телма кажа дека во земјава има грешки и во третманот на пациентите кај кои е дијагностициран коронавирусот. 

„Тука е малку дискутабилен и начинот, со кој јас лично не се согласувам, а тоа е преку телефон да се води медицина. Друго е кога пациентот ќе го види стручно лице, односно доктор. Барем еден контакт секој од болните мора да има или со својот матичен лекар, или со друг доктор, кој што ќе процени. За жал не е така според сегашната процедура. Ние дојдовме до ниво на телефонска и онлајн медицина. За жал, пациентот, односно испитаникот некогаш не може да го препознае својот симптом. Можеби кога ќе го види докторот ќе препознае некој од симптомите кои вака самиот не може да ги каже“, рече Беќаровски. 

Тој потврди дека има пациенти кои чекаат последен момент за да дојдат во болница, но и дека има грешки во системот. 

„Инаку, во тоа доцна доаѓање, има две големи категории групи, доцна доаѓање како резултат на тоа што пациентот криел и не се пријавил ни кај својот матичен. Често се случува, секоја вечер ние на Токсикологија имаме такви кои доаѓаат со 40 сатурација, ниту консултирле матичен, иако со денови ги имале симптомите и си мислеле ќе помионе, а дел од нив не сакаат да отидат поради тоа што ќе им пропадне бизнисот. Тоа е како резултат грешка на пациентот. Но, ние мора да си признаеме, има и доцна доаѓање како резултат на лавиринтов на системот, на пример, ако има позитивен тест пред 5 - 6 дена и ако во седмиот ден затаи, тука е веќе грешка во системот, ние мора да си признаеме - лошо е следен и лошо е воден. Бидејќи, точно е дека има пациенти каде влошувањето настанува за 4 - 5 часа, но во принцип, пациентот кој е веќе влезен во системот, треба да биде следен секој ден, да се прават испитувања. Јас разговарам со матичните лекари, и тие велат дека немаат некои конкретни насоки. Знаете на што се сведува лекувањето - пијте дома цинк, Ц и Д витамин, не може лекувањето само на тоа да се сведе“, рече Беќаровски.