Д-р Беќаровски: Дајте им на болните од ковид-19 што се лекуваат дома 10.000 пулсоксиметри, ќе ја намалите смртноста

Токсикологот д-р Нико Беќаровски апелира со 100.000 евра народни пари да се набават 10.000 пулсоксиметри и да им се поделат на заболените од ковид-19 кои се лечат во домашни услови. Тоа ќе ја намали смртноста поради доцно јавување во болниците, смета тој.

Во пост на Фејсбук, д-р Беќаровски пишува:

– Пулсоксиметар е мал но значаен инструмент во превенција на доцното доаѓање во болниците при компликации од ковид-19. Со негово ставање на Вашиот прст за неколку секунди Ви овозможува да дознаете колку проценти Ви е заситеноста на крвта со кислород и колкав ви е пулсот, два есенцијални параметри за влошување на состојбата.

90% од болните со Ковид-19 се лечат во домашни услови, со on line консултација со својот матичен лекар.

Со само 100.000 евра може да се купат 10.000 вакви апаратчиња кои би се давале на сите болни кои се лечат дома. Пациентите три пати дневно би ги мереле оксигенизацијата и пулсот и при пад на параметрите веднаш би го алармирале својот надлежен лекар. По оздравувањето, истиот би бил вратен и дезинфициран за следните болни, а на крајот од пандемијава би им се поделиле на сите заболени со астма и ХОБС.