Д-р Александар Трајановски: На ТОАРИЛУЦ моментално се одвиваат сите тековни операции

Д-р Александар Трајановски директорот на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ во интерјву за Скопјеинфо разговара за она што во моментов се случува тамо. 

Сведоци сме дека граѓаните живеат постојано во страв. Од една страна поради ситуацијата со пандемијата, а од друга страна голема е и загриженоста дека доколку дојде до потреба да побараат лекарска помош поради друга причина истата нема да ја добијат.

- Реален и нормален е стравот кој го чувствуваме сите моментално, ни најмалку не е пријатна сликата која ја имаме со пандемијата, но секојдневно се бориме да дадеме лекарска помош на секој еден пациент кој дошол на нашата клиника. На ТОАРИЛУЦ, моментално се одвиваат сите тековни операции кои ги водиме како итни и кои не може да им се направи одлагање. Сите операции се извршуваат во салите на Трауматологија, додека пациентите ни се сместени на Клиниката за ортопедија. Се завршуваат сите Ортопедски операции на пациентите кои се со малигни заболувања, пациенти од детска патологија и тие што имаат потреба од оперативен третман. Нема застој во работата кај пациентите со малигни болести зошто на нив тоа им е најпотребно, вели Трајановски. 

Исто така тој апелира до граѓаните да се вакцинираат. Многу е важно да го поддржиме процесот  на вакцинација  знаејќи дека е тоа единствениот начин да се стави крај на пандемијата.