До 2020 година секоја аптека мора да има вработено најмалку двајца дипломирани фармацевти

Од 2020 година секоја аптека мора да има вработено најмалку двајца дипломирани фармацевти. Измените на законот за лекови кои пред една недела излегоа во службен весник предвидуваат правното лице кое врши промет на мало со лекови е должно да обезбеди најмалку по едно лице со завршен факултет по фармација кое ќе биде постојано присутно во смена во аптеката.

Овие измени требаше да важат од 2018, но поради недостиг на кадар одложени се за година и половина. Сегашниот закон предвидува аптеките, веледрогериите и специјализираните продавници за лекови да имаат по најмалку еден дипломиран фармацевт со положен стручен испит и техничар со средно образование. Според ваквата кадровска поставеност инспекторите на МАЛМЕД не нашле неправилности во исконтролираните аптеки.

-Во 2018 извршени се се 172 надзори од кои што 38 се редовни, контролни 25 и вонредни 108 надзори и при истите не се констатирани неправилности, изјави Роберт Бекироски, директор на МАЛМЕД.

Инаку во Македонија има околу 900 аптеки и за исполнување на законската обврска од 2020 потребни се уште толку дипломирани фармацевти, но според информации на Сител и овој кадар по примерот на лекарите и медицинските сестри масовно заминува на работа во странство претежно во западно европските земји и Австралија, а на домашниот пазар речиси и да нема невработен фармацевт со лиценца.