Цвеќе пред Споменикот на децата бегалци во паркот „Жена Борец“

По повод обновувањето на Споменикот на децата бегалци и одбележувањето 71. година од завршувањето на Граѓанската војна во Грција, делегација на Град Скопје составена од градоначалникот Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, денеска положи цвеќиња пред Споменикот на децата бегалци во паркот „Жена Борец“.

Споменикот на децата бегалци, чиј автор е архитектот Даница Павловска - Циги е поставен на 30 јуни 1988 година кога во Скопје е одржана Првата светска средба на децата бегалци, и е реконструиран од Град Скопје.

На Споменикот на децата бегалци цвеќиња денеска положија и делегации од Владата на Република Северна Македонија, Републичкото здружение на децата бегалци и нивните потомци од Егејскиот дел на Македонија – Т’ГА ЗА ЈУГ, Општина Центар, Општина Свети Николе, претставници на научни и на образовни институции и здруженија.