Црно Езеро: Скриено богатство на Шара - неверојатна, природна убавина

Кога ќе се погледне оваа природна убавина, прво нешто што доаѓа на памет е, дали ова е реалност. Да, реално е! 

Толку многи природни богатства крие нашата Македонија, за кои многу често се прашуваме дали се реални. Едно такво место е и Црното езеро, скриениот бисер на Шара. 

Црното езеро е ледничко езеро и едно од 27-те на Шар Планина. Според големината која ја зафаќа, Црното Езеро е на второ место меѓу Шарпланинските езера.

До езерото може да се стигне по добро обележана планинарска патека која започнува од селото Ѓурѓевиште и продолжува кон врвот Рудока.

Црното Езеро зафаќа површина од 33.520 m². Долго е 248, а широко 185 со обем односно должина на бреговите од 825 метри. Длабоко е колку и Боговињското Езеро- 2,20 метри. 

Езерската вода е бистра со затвореносина боја. Поради поголемата длабочината и каменесто дно од далеку езерото има потемна (црна) боја, заради што е и наречено Црно Езеро за разлика од поплиткото Бело Езеро со тињесто дно. Вода добива од крајбрежните извори и од врнежи и топење на снегот, а ја губи со испарување и преку отоката наречена Матени (Матене) што се влева во реката Маздрача. Во минатото езерото било подлабоко, но со продлабочување на отоката од страна на жителите на с.Калиште, со цел да зафатат повеќе вода за наводнување, нивото на Црното Езеро, слично како Боговинското Езеро е снижено, а длабочината намалена. Поради сите овие одлики, ова езеро има голем туристички потенцијал.