Не постои човек кој не е погоден од трагедијата во Кочани, каде загубивме многу, премногу наши сограѓани.

Се обидувавме да ги задржиме солзите, да не заплачеме, мобилизирајќи се од сите страни за да помогнеме. Но, до кога вака, со нашите јуначки срца?
Години наназад сме сведоци на слични трагедии. Зборуваме, пишуваме долги статуси, плачеме, велиме дека допрено е дното, а потоа брзо забораваме. Секој одземен човечки живот е последица на корупцијата која е длабоко вкоренета во нашето општество.
Неправдите ќе продолжат да се таложат, а човечките животи ќе исчезнуваат во пепелта на немарноста. Семејствата кои денес оплакуваат, утре ќе станат статистика, повторно занемарена од институциите. Солзите ќе се исушат, но болката ќе остане заробена како нем сведок на една држава за која човечкиот живот не е приоритет. Некогаш мислиме дека сме моќни, повисоки од законите, а во реалноста сите сме еднакви пред канџите на корупцијата. Но, додека веруваме дека друг треба да понесе одговорност, многу т.н. „газди“ денес го исклучуваат телевизорот и продолжуваат да си играат со законот.
Така, наместо да се обединиме во заедничка борба за промени, во некои од најтешките моменти се препуштаме на рамнодушноста. „Ништо не може да се смени,“ си велиме, гледајќи како други невини животи се претвораат во обична статистика. Во сенката на корупцијата, многу вистински јунаци остануваат без глас, немоќни да се пробијат низ ѕидот од интереси што ги дели од правдината.
Дел од нас сепак продолжуваат да бараат правда и да се надеваат дека ќе се разбудиме од овој колективен кошмар, но ни трага од вистинска промена. Така, одново и одново ќе броиме загубени души, скршени срца и ќе наоѓаме зборови за утеха, додека црната облека не избледи. А кога таа болка ќе избледи, општеството повторно ќе оди во маглив правец, како да е осудено да не научи ништо. И ќе се прашуваме: „До кога вака?“, знаејќи дека одговорот е истоветен со очајот што владее во нас.
Секој пат кога уште едно срце престанува да чука, кога уште една свечена облека се заменува со црнина, ни се потврдува суровата вистина – животот на ова парче земја не се вреднува. Често велиме дека „не сме ние за подобро“, но тоа не е вистина. Има луѓе кои сонуваат, создаваат, милуваат и веруваат дека може подобро, дека во оваа држава има место за надеж, за живот, за иднина.
Токму затоа, сега ни е потребна колективна надеж: застанете заедно и повикајте на темелни реформи, на вистинска отчетност, на закон кој не само што постои на хартија, туку и делува. Не бараме чуда, бараме луѓето на кои им е дадена моќ да не ги користат нашите животи како монета за поткусурување. Бараме државата да го стави на пиедестал човечкото достоинство и безбедноста, наместо профитот и тесните интереси.
Доста е со празни зборови и ветувања. Доста ни е смрт, доста крв е излеана на ова мало парче земја. Иднината зависи од нашата упорност, од нашата подготвеност да не седиме со скрстени раце. Колку и да изгледа тешко, мораме да веруваме и да делуваме, зашто се уште сме тука, и зашто токму ние ги слушаме траорните звона и го чувствуваме крикот за живот. Ако престанеме да веруваме, тогаш навистина ќе загубиме сè’. Но, ако смело зачекориме и побараме промени, можеби конечно ќе го прекинеме бескрајниот круг на болка и неправда.
Нека ова биде повик до сите – граѓани, институции, лидери. Време е да сфатиме дека ни остануваат сè помалку животи за да ја докажеме својата човечност. Нашата надеж не е наивна; таа е оружје против рамнодушноста и е единствен потсетник дека сме должни едни на други, дека мораме да ја избереме човечката страна. Токму сега, пред да бидат изгаснати уште соништа, пред да ни исчезнат последните искри на светлина.