Црна хроника: Малолетник брутално истепан од група насилници во автобус, прегазено 9- годишно дете

Малолетник брутално истепан од група насилници

Среде бел ден се одвивала драма во автобус на ЈСП Скопје. 45-годишниот И.Б. од селото Долно Лисиче, скопско, пријавил дека истиот ден околу 14 часот во автобус на ЈСП-Скопје со број 7  неговиот 17-годишен син заедно со неговиот другар физички биле нападнати од околу 20 непознати лица.

На автобуската постојка на булеварот „3-та Македонска Бригада“, во близина на средното „Марија Кири Склодовска“, во автобусот се качиле околу 20 непознати лица на возраст од 14 до 18 години. Неколку од нив почнале да го влечат неговиот син и кога го истуркале надвор физички го нападнале удирајќи го со раце и нозе во пределот на телото. Потоа се свртеле кон неговиот другар и почнале да го удираат со шлаканици по задниот дел на главата, но тој успеал да избега.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Прегазено 9- годишно дете во Скопје

Вчера околу 16 и 30 часот во село Долно Коњари, скопско, на улица „1“ се случила сообраќајна незгода во која патничкото моторно возило „Форд Фокус “ со скопски регистарски ознаки, управувано од 25- годишниот Ј.Б од село Батинци удрило во деветгодишно дете велосипедист од село Долно Коњари.

Во незгодата детето се здобило со тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош било задржано на понатамошно лекување на Детска Хирургија во Клиничкиот центар.

Увид на местото на настанот извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Скопје.

Каменување на патнички воз во Скопје

Вчера, на дел од пругата помеѓу железничка станица Скопје Север и железничка станица Ѓорче Петров, непознати лица извршиле каменување на патнички воз, кој возел на релација Скопје–Кичево. При нападот искршено е едно стакло од локомотивата. Полицијата ги презема потребните мерки за целосно расчистување на случајот.