Црна Гора слави 20 години од обновата на независноста

Црна Гора денеска го одбележува Денот на независноста и 20 години од обновата на државната самостојност на референдумот од 21 мај 2006 година, со бројни свечености, концерти и пораки од официјалните лица дека европскиот пат, граѓанското единство и зајакнувањето на институциите остануваат клучни приоритети на државата.

На референдумот во 2006 година, граѓаните се изјаснуваа за тоа дали државата треба да ја обнови независноста и да излезе од државната заедница со Србија. За обнова на независноста тогаш гласаа 55,5 отсто од граѓаните, додека 44,5 отсто гласаа за останување во заедницата.

Денот на независноста беше одбележан синоќа со концерти, огномети и баклијади ширум земјата. Централната прослава се одржа во Подгорица со концерт на црногорски изведувачи, каде што главна ѕвезда беше Сергеј Ќетковиќ. Се славеше и во Даниловград, Цетиње и во Котор, пренесува Радиотелевизија Црна Гора.