
Македонија е една од ретките земји во Јужна Европа која сè уште нуди впечатлива природа, богата гастрономија, добро вино и автентични локални искуства без масовните туристички гужви што секое лето ги оптоваруваат најпознатите европски дестинации.
Со ваква порака CNN ја претставува земјата во обемна туристичка репортажа со наслов „There’s still one beautiful Southern European country with delicious food, great wine and no tourist crowds“, првично објавена во декември 2025 година, а ажурирана и повторно објавена во октомври 2026 година.
Американскиот медиум ја опишува Македонија како недоволно истражен дел од Балканот, чија историја, планини и различни регионални традиции создале силно чувство на локален идентитет и гостопримство.
Посебно место во текстот имаат планините. CNN наведува дека релјефот е еден од најважните делови од идентитетот на земјата, а како пример ја пренесува изјавата на Фросина Пандурска-Драмиќанин од Скопје, која вели дека во која било насока да тргне со автомобил, пред или зад себе гледа планина.
Како една од главните туристички предности се издвојува токму фактот што земјата сè уште не е погодена од масовниот туризам. Во текстот се наведува дека многу патници секое лето само транзитираат кон Грција и Албанија, иако Македонија има доволно содржини за да биде самостојна туристичка дестинација.
Меѓу местата што CNN ги издвојува се Охридското Езеро и Свети Наум, Маврово и Бигорскиот манастир, Шар Планина, Преспа и Националниот парк Галичица.
Охрид е опишан како „крунски бисер“ на земјата, со езеро опкружено со планини, богата биолошка разновидност, стара чаршија, традиционални бисери и летни содржини покрај брегот.
CNN посветува значителен простор и на руралниот туризам и традиционалниот начин на живот. Малите семејни фарми, домашното производство и локалните обичаи се претставени како важен дел од искуството, но соговорниците во текстот предупредуваат дека развојот на туризмот треба да биде внимателен за да не ја уништи локалната култура.
Посебна приказна е македонската храна.
CNN ги издвојува ајварот, ракијата, бурекот, ќебапите, пастрмајлијата и чорбите, а потенцира и дека различните региони имаат сопствени јадења и традиции. Сончевата клима, пак, ја прави земјата значаен производител на вино, со посебен акцент на Тиквешкиот регион.
Авторот ги издвојува и кафеаните како важен дел од локалната култура – места со големи порции традиционална храна, жива музика и атмосфера која во многу други земји веќе исчезнала. Посебно се споменуваат Дебар Маало, Карпош и Буњаковец во Скопје.
Во делот посветен на главниот град, CNN потсетува на земјотресот од 1963 година и последователната обнова на Скопје, а Старата чаршија ја претставува како простор во кој се преплетуваат отоманската архитектура, југословенското наследство и поновите архитектонски слоеви.
Како атракции во и околу Скопје се наведуваат Водно и Милениумскиот крст, како и кањонот Матка, каде посетителите можат да кајакарaт, да ги посетуваат пештерите или да пешачат по околните планини.
Заклучокот на репортажата е дека на релативно мал простор Македонија нуди ретка комбинација од планини, езера, храна, вино, историја и зачувани локални традиции – сè уште далеку од туристичките гужви карактеристични за голем дел од Јужна Европа.
„Тоа е повеќеслојно рурално искуство со некои од најубавите природни пејзажи што можете да ги видите во толку мала земја“, гласи една од пораките со кои CNN ја заокружува репортажата.