Чудотворниот камен во манастирот Св. Никита во Скопска Црна Гора, исполнува желби и лечи разни болки

Застани на каменот во манастирот Свети Никита, сврти се трипати, поклони се и замисли желба, моштите на светецот ќе ти ја исполнат.

Во потрага по начин да се реши она што ги мачи многу Македонци, па и странци, патот ги носи во малиот, стар манастир, посветен на великомаченикот Свети Никита, сместен на падините на планината Скопска Црна Гора, на надморска височина од 565 метри, помеѓу селата Горњане, Бањани и Чучер. Таму, меѓу старите ѕидови на црквата, почиваат моштите на великомаченикот, за кои се верува дека имаа огромна ноќ.

Според раскажувањата на човекот задолжен за одржување на манастирот, овој е еден од најстарите манастири на македонска територија. Се верува дека црквата датира од 11 век, но подоцна, како и повеќето цркви и манастири бил разурнат.

Царот Милутин го возобновува овој манастирот Свети Никита во 1284 година

Царот дошол во Скопје, поточно во овие села, народот многу му раскажувал за Свети Никита и неговите моќи да им помага на сите кои ќе му се обратат, па решил да за го обнови манастирот коj бил уништен. На сон, Бог му се јавил на цар Милутин и му кажал каде се моштите од Свети Никита и му рекол да ги закопа во црквата, оти тие се уште се моќни и помагаат. Царот го сторил тоа, и ден денес, оној кој ќе застане на светиот камен, под кој почиваат моштите од великомаченикот, ќе му се отстрани болката, ќе му се најде решение за маката.

Народот многу раскажува за Свети Никита, бил голем човек, богат кнез, кој откако на сон му се јавил Господ, тој остава се, го раздава имот и почнува да го шири христијанството.

Моќта не е во каменот, моќта е во коските, а тој е само начин да се поврзе верникот со светецот и со Бога. Стоејќи на каменот, верникот полесно се поврзува во Бог и неговата мака, болка или желба полесно ќе биде чуена и решена, исцелена, исполнета, со помош на светите мошти, но и силната верба.

За да еден човек си ја каже маката, се прави еден мал ритуал. Прво човекот влегува во црквата и си пали свеќа. Тогаш клисарот го трга тепихот под кој стои каменот. Човекот застанува со лицето накај олтарот. Се прекрстува, прави круг и се поклонува свртен кон олтарот. И така три пати. Кога ќе заврши последниот круг ја кажува молитвата “оче наш“. На крај си ја кажува маката или желбата.

Клисарот раскажува дека ова е единственото место во светот каде може со специфичен ритуал да се поврзат верникот и Господ, каде со помош на моќта на моштите од великомаченикот, му се помага на секој кој има мака.

И наши, и странци, мајки, татковци, деца, илјадници луѓе застане на овој камен и се поклониле, сите со иста цел, моштите да им помогнат. Неодамна дошле четириесет монахињи од Сибир, кои биле восхитени од манастирот.