Чудотворен камен во селото Текија лекува од неплодност

Еве тоа вака се прави. Се палат свеќи, па потоа мажот и жената заедно го обиколуваат каменот трипати, се крстат и се поклонуваат. Го прегрнуваат каменот и го бакнуваат. Потоа јас земам малку земја од секоја страна на каменот и и ја давам на жената што треба да ја носи една година околу половината. По ова, заминуваат и колку што јас се уверив и колку што ми доаѓаа по една година, многу од жените останале бремени и добиле деца…, ја објаснува баба Станојка причината за „Дневник“, зошто многу луѓе доаѓаат во Текија, додека го изведува адетот по кој селото, во непосредна близина на скопската рафинерија, веќе се векови е познато и во пошироката околија.

Десетици луѓе што во текот на секоја недела доаѓаат во селото, само се најдобар доказ дека чудотворноста на каменот е надалеку разгласена. А во селото никој нема да ви каже како и кога се започнало бидејќи тоа е населба во која сигурно се менувале жителите зависно од тоа кој владеел на тие простори.

Сега селото има околу 150 куќи и околу триста жители, главно Македонци. Речиси сите се доселени тука во шеесеттите години од минатиот век кога од селото се отселиле претходните жители од турска националност. Турците биле сите жители од Текија кои во тој период, по примерот на многумина свои сонародници од Македонија, решиле да се иселат од селото и да заминат во Турција. И така тука оставиле се што имале – куќи, имоти, ниви, шуми… по што во селото се населиле етнички Македонци. А во оставината што ја оставиле во селото бил и каменот, висок околу 1,7 метар исправен во центарот на селото, во непосредна близина на тогашната џамија. Местото било означено како свето, вакафско, како свет бил третиран и исправениот камен, а пред кој турското население во текот на пет века, колку што траело турското владеење, изведувало слични ритуали и за иста цел како што и ден-денешен го прават оние што тука доаѓаат за да им се помогне.

СВЕТОСТА ПРИФАТЕНА ОД РАЗНИ ВЕРИ

Но, и тогаш кога домаќините во селото биле Турци, по вера муслимани, останала енигмата дали каменот бил донесен во селото во тој период или, пак, и тие го затекле поставен во центарот на населбата од претходните жители.

– Има претпоставки дека е уште од времето на Римјаните, од времето на Византијците… Никој не може точно да каже. Само знаеме дека е тука откако во селото има луѓе. А кој прв го донел и го поставил, никој не знае. Јас, колку што можам да проценам по неговата боја и состав, мислам дека не е од овдешното подрачје. Ми изгледа како да е донесен од кратовско подрачје, од селото Хамлеш, каде што имало рудник, но и тоа не е сигурно – вели 82- годишниот Ѓорѓи Ристовски, жител на селото, чие семејство, како и другите, било доселено тука во шеесеттите години од минатиот век.

Се знае само дека една од турските жени, булата, која била задолжена да се грижи за каменот и да ги изведува ритуалите, пред да замине за Турција, само им ја предала обврската на жените-Македонки со објаснувања како се прави ритуалот. И потоа адетот од муслиманите го презело христијанското население, при што, се разбира, бил надополнет со христијански елементи. Сепак, тоа не значело дека пред каменот и натаму не доаѓале муслимани од Македонија и од други земји.