Човек може да трпи многу работи, но најтешко е ако мора да се трпи самиот себе!

Копаше некаква дупка, длабоко, покрај патот. Му се гледаше само дел од главата. Ја исфрлше земјата со некаква лопата и го правеше тоа со крупните деформирани раце. Човек-крт.

Ми рече дека повеќе нема да трпи никого и ништо!

Тоа го рече за да го оправда тоа што веќе со години копа дупки на повик на оние чиј грб е слаб, а им треба таа дупка за нешто. Го рече тоа за да го оправда тоа што е во земјата, а со своето образование можеше да биде и надвор од земјата, надвор од таа дупка, во канцеларија, на маса, без прашина на себе, без лопата, со убаво пенкало помеѓу чистите прсти.

Стоев во близина на таа дупка и го слушав.

Повеќе не можеше да ги трпи своите лажливи шефови, не можеше да го трпи тоа што му доцни платата, па поради тоа позајмува од кого ќе стигне, па потоа трпи исмејување и зајадливост од тие од кои позајмува, не можеше повеќе да трпи да оди по бурек со месо наместо да ја врши својата работа, не можеше повеќе да трпи тоа што секој ден шефот му ветува дека утре ќе го пријави, утре ќе му даде плата, па потоа ќе му плати третина од договореното... утре се ќе биде поинаку.

Копаше низ земјата и низ главата и пред нозете ми го сервираше тоа како готов оброк.

А што јас трпам, ми пројде низ главата. Што трпам, кого трпам, колку долго трпам, дали и јас би требало нешто да трпам и поради што и кого?

И тогаш сфаќам дека трпам. Не е тоа многу, но секогаш има нешто што човек трпи, што голта, а не му се јаде, што би можело да биде поинаку, но не може сега, па трпи додека чека, па го покрива тоа со некои ситни задоволства како млака вода од чаша, за подобро да се свари.

Ми изгледа дека луѓето почнаа да го живеат животот со трпење. Некако навикнавме да трпиме се и секого и кога треба и кога не треба. Живот како трпение, каков ужас.

Се трпи лошиот брак поради децата, финансиската сигурност, покрив над глава и избегнување срам. Се трпи насилниот маж затоа што низ солзи и каење ветил дека нема повеќе да го прави тоа. Се трпи семејството на мажот или жената, затоа што бракот најмалку е брак со еден човек, со таа личност доаѓа целото семејство, луѓе кои се знаат, кои сакаат за се да бидат прашани, кои ви ја планираат иднината и кои постојано се плеткаат во се.

Се трпи околината. Затоа што понекогаш ви доаѓа да им се развикате на сите, но вие сте култури, секогаш сакате да бидете културни и полни со разбирање и потоа проголтувате се што би им кажале. И ја носите таа кнедла во грлото со месеци, па и години, додека не се задавите.

Се трпат лаги, еден куп лаги, затоа што самиот себеси се убедуваш дека се оправдани. Подзамижувате и се правите дека не ги гледате.

Се трпат шефовите, па кој е луд да им се спротистави, особено денес кога ви недостасува храброст да го промените она за кое и од небо се гледа дека е лошо.

Се трпи и она што зависи од вас и она што не зависи од вас, она што животот ви го наместил. Се трпи со години.

Човекот ми рече: „Знаеш што? Можев се тоа да го истрпам, но тоа трпење ме претвори во човек кој повеќе не можев да го трпам. Поради таа лоша работа, лоши шефови, лаги, проневери, јас станав исфрустриран, намуртен, огорчен, бесен, гласен, груб кон жената и децата, груб кон самиот себеси.

Сфаќаш, човек секогаш ќе трпи нешто или некого, тоа е неизбежно, затоа што не живееме на пуст остров, сами со кокосот и рибите. Се мешаме, се допираме, разменуваме енергии, разговараме, се натпреваруваме, се привлекуваме, се одбиваме, сакаме, мразиме, тука сме каде што сме, заедно. Колку и да го сакам тоа, не оди. И затоа трпиме. За жал, трпиме повеќе отколку што можеме да поднесеме. И тука е финтата, тука е клучот, разбираш?

Во животот трепа да трпиш само до онаа мера додека трпението не те деформира како човек, додека не ги уништи твоите чувства, тело и ум. Се додека се смееш и работиш – мирен си и задоволен, а тоа е добро, но ако поради трпението станеш човек кој не го познаваш: мрачен, депресивен, очаен – тогаш тоа не е добро, тогаш мораш да промениш нешто.

Човек може да трпи многу работи, но најтешко е ако треба да се трпи самиот себе. И тоа е тоа.“

Ми го кажа ова и продолжи да копа подлабоко во земјата.