Чоколадно чудо од Италија

Ова е рецепт за малку поинаков чоколаден крем кој потекнува од Италија, а важи за омилен десерт чија подготовка е многу едноставна.

За разлика од обичниот чоколаден мус, чоколадниот крем будино има необичен вкус поради малата количина на маслиново масло, но и поради солта која особено го истакнува вкусот на чоколадото.

Потребни состојки:

280 г црно чоколадо

4 лажички несолен путер

40 г густин

60 г какао во прав

200 г шеќер

800 мл млеко

2 големи јајца

4 жолчки

Четвртина лажичка сол

2 лажички екстракт од ванила

2 лажички екстрадевствено маслиново масло

Подготовка:

Во поголема стаклена чинија, над пареа, растопете ги чоколадото и путерот. Во друга чинија измешајте ги сувите состојки, скробот, какаото и половина количина шеќер. Додадете ги јајцата и жолчките и мешајте додека не добиете изедначена смеса. Полека додајте 200 мл млеко во смесата. Во тенџере со средна големина загрејте го останатото млеко, шеќерот и солта, до вриење. Внимателно мешајте го врелото млеко со смесата од јајца и какао, гответе го добиениот крем додека не згусне, три до четири минути на средна температура,

Тргнете го тенџерето од шпоретот и додадете го стопеното чоколадо со путерот, како и екстрактот од ванила. По потреба процедете го кремот, а потоа оставете да се лади во фрижидер.

Овој крем традиционално се сервира во голема чинија, но може да го ставите и во мали, убавки чашки доволни за една порција. Пред сервирање на површината на оладениот крем капнете по неколку капки маслиново масло.