
Голем поздрав и воодушевување доби постапката на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје. Имено, Роџер, 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор кој е веќе дел од клиниката ги собра сите симпатии.
Многумина се согласија дека овој пример треба да го следат и останатите здравствени установи каде се згрижуваат пациенти, но во исто време лекарите работат навистина стресна работа.
„Присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата. Активностите на Роџер на клиниката вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во рамки на групи, секогаш под придружба и надзор на лица од нашиот стручен тим и се разбира, со согласност од пациентите. Со овој потег, сакаме да го поттикнеме и вдомувањето кучиња, како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и да се намали бројот на бездомни животни“, вели проф. д-р Арсова.
- Посебна почит за овој хуман гест и искажаната емпатија кон четириножните пријатели заслужуваат директорката на клиниката Проф. д-р Славица Арсова, Д-р Васка Митова и сите вработени во клиниката за активностите кои му ги доделиле на Роџер во имплементацијата на активности поддржани од животни кои се структурирани, но неформализирани активности во кои учествува Роџер на клиниката, а со цел да се обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на општата психосоцијална благосостојба на пациентите. Ова треба да биде пример за многу други институции од областа на здравството, но и на други државни и приватни институции и фирми, порача Ивица Апостолов, вработен на Универзитетскиот институт за клиничка биохемија и претседател на Здружението на медицински лаборанти.
- Во целото ова сиво секојдневие, ова е прекрасна и радосна вест, напиша познатата инфлуенсерка Фросина Фро.