Чистиот оџак го чува домот од пожар, околината од загадување, а џебот од казни

Воведувањето на оџачарската услуга подразбира чистење и контрола на уредите за спроведување чад и опремата за ложење, со што се овозможува нормално функционирање на оџаците, димоводните уреди и огнишните објекти.

Оџачарските услуги  се од големо значење за жителите кои што се греат на дрва, јаглен или масло за домаќинства. Со оглед на тоа што неисчистените оџаци не само што го загадуваат воздухот туку се и потенцијална опасност за настанување на пожари, со воведувањето на оваа услуга граѓаните не мора сами да ги чистат оџаците, туку може да ги користат услугите на професионалци со лиценци,

А оџачарите велат дека куќните оџаци треба да се чистат дури двапати во текот на зимскиот период и еднаш по завршување на грејната сезона.

И пожарникарите тврдат дека пожарите, најчесто ги предизвикуваат несовесните граѓани кои не ги чистат оџачите навремено.

Ланската зима, интервенирале над 100 пати во пожари кои избувнале поради неисчистени оџаци.

Во скопската населба Лисиче граѓаните претежно се греат на дрва, пелети или брикети.

-Тука се претежно куќи, па најчесто сите се грееме на дрва, тоа е најекономично за сите. Не можам да кажам за другите, но јас внимавам навремено да биде исчистен оџакот, бидејќи свесна сум за последиците кои може да настанат, вели жителка од населбата Лисиче.

Чистењето на оџаците е задолжително за сите, без разлика дали се работи за станбен објект, куќа или пак јавна институција.

Цената на чистење на оџак зависи од неговата големина, па така средна цена на повеќето фирми кои ги чистат оџаците изнесува 150 денари за метар оџак.