Чистење измет од миленици: Парични казни за сопствениците

“Зошто јас да го собирам изметот од својот миленик кога веќе постојат стотици бездомни животни кои ги извршуваат своите физиолошки потреби насекаде по улиците и по нив никој не чисти”. Според истражувањата ова е најчестиот изговор на несовесните сопственици на домашни миленици. 

Доколку ви кажеме дека само еден грам од изметот содржи 23 милиони бактерии, веројатно ќе сфатите колку е битно конечно да станете одговорен сопственик. 

Се додека сопствениците не бидат казнети по џебот, оваа тема и понатаму ќе остане во доменот на македонската мистика. 
До тогаш, во Лондон надлежните пронашле совршен метод како да стигнат до несовесните граѓани, да ги казнат. 

Како што пренесуваат британските медиуми, општините Баркинг и Дагенхам во источен Лондон ќе станат прва локална самоуправа во Велика Британија која ќе прави ДНК тестови на изметот од кучињата за да влезат во потрага по несовесниот сопственик кој не исчистил по својот миленик. 

Идејата е да се направи база од ДНК така што ветеринарите ќе земаат брис од кучињата кои ќе ги праќаат до централниот регистар. Кога ќе се дојде до таа ситуација надлежната служба да пронајде измет, ќе земе примерок и ќе се изврши ДНК анализа. Потоа резултатите ќе бидат споредувани со податоците од регистерот.  

Проценката е дека сопствениците ќе бидат пронајдени со точност од 99%, а потоа казнети со 80 фунти. 

Тие не се првите кои го воведуваат овој систем. Тој веќе постои во некои американски градови, а резултатот е – неисчистениот животински измет намален за 90%. 

Што би кажале за ваквиот вид казна на неодговорните сопственици?