„Чифте-амам“ два месеци ќе биде затворен за посетители

Почна првата фаза од санацијата на објектот „Чифте-амам“, еден од четирите објекти на НУ Националната галерија на Македонија, заедно со „Даут-пашиниот амам“, Мала станица и Спомен-куќата на Лазар Личеноски. За време на санацијата, која ќе трае два месеца, објектот ќе биде затворен за посета, пренесува Независен

Ќе се врши санација на покривот со изведба на хоризонтални и вертикални олуци за одбрана од атмосферски води, ќе се гради дренажен канал на источната страна на објектот, екстериер, санација на сите оштетувања од влага во ентериерот - депоа, изложбен простор, со изведба на специјална заднина со панели по должината западниот периметрален ѕид.

Ќе се пренаменат простории во функционален изложбен простор со визуелен контакт со хипокаустот и дислокација на портирницата, а ќе се изведува и заштитна покривна конструкција на надворешната источна страна врз огништето и ќе се санира и громобранската инсталација.

- Реконструкцијата и санацијата на овој значаен културно-историски споменик, редок споменик на исламската архитектура кај нас е предвидено да траат два месеца. Изведувач е Друштвото за промет, производство, транспорт и услуги „МАКАУС“. Инвеститор на целиот проект е Министерството за култура на Република Македонија - се вели во соопштението НУ Национална галерија на Македонија.

Објектот е ставен под заштита со решение од 1957 година издадено од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата и решение од 1967 година издадено од Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје.