„Приказната во градежништвото не е завршена, таа ќе продолжи да се развива. Градежниот сектор е моторот на македонската економија и овој тренд треба да продоложи.Тоа што е добро во градежниот сектор треба да се задржи, а проблемите да се решаваат. Само со заедничка соработка меѓу бизнисот, Владата, Собранието и општините, може да се надминат присутните слабости во овој важен сектор за македонската економија. Има повеќе прашања за кои треба отворено да се разговара. Надминувањето на слабостите во Законот за градење и Законот за јавни набавки се најважни за домашните компании. Проблемите со кои се соочуваме ние градежните компании и забелешките што ги имаме, треба да ги доставиме до коморите и здруженијата на усогласување, по што тие треба да се испратат до Министерството за транспорт и врски. Бизнисот мора да учествува во носењето на законските и подзаконските решенија, од идејата до нивното изгласување во собраниските комисии и во надзорот при нивното спроведување во практиката. Неопходни се и измени на Законот за јавни набавки со кои домашните инвеститори ќе бидат рамноправни со странските компании, ќе имаат еднаков третман на тендерите. Не може градежна фирма без ниту еден вработен да опстојува на пазарот и да добива тендер, тоа е надвор од секаква професионална логика“, изјави проф. д-р. Ванчо Чифлиганец, генерален директор на „Адора инженеринг“.
На првата седница на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни матријали и неметали при Стопанската комора на Македонија со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, бизнисмените отворено дискутираа за проблемите во градежниот сектор. Министерот Сугарески порача дека компаниите ќе имаат отворен пристап во министерството за сите идеи, размислувања и сугестии, со цел унапредување на бизнис климата и условите за работа на домашните компании.