Чифлиганец по реакциите во јавноста: Нека ги вратат 5-те милиони евра за комуналии и јас ќе ја напуштам земјата

Компанијата „Адора инженеринг“ на бизнисменот Ванчо Чифлиганец започна со изградба на станбено-деловен објект на паркингот спроти трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје, откако Општина Центар издаде градежна дозвола.

Сопственикот Ванчо Чифлиганец во интервју за Телма тврди дека се се гради согласно закон, а се работи за изградба вредна од 90 до 100 милиони евра. Објектот ќе биде на три дела, односно на аголот ќе биде највисокиот дел од 15 ката, другиот станбен објект од 11 и бизнис центарот 7 ката, а истиот се очекува да биде готов за две години.

За изградбата на објектот, Чифлиганец порача дека уплатени се комуналии од околу 5 милиони евра.

„Доколку некој смета дека ова не е во ред Ванчо Чифлиганец и неговата сопствена компанија респектирана Адора инжинеринг, нека се вратат 5-те милиони евра јас ќе ја напуштам земјата. Јас сакам да творам во мојата земја Македонија“, додава Чифлиганец.

Според него, оваа парцела била нелегален паркинг, што тој, но и други луѓе го користеле бесплатно за паркирање.

„Јас од ова место тврдам, најелитниот, најхуманиот елитен станбен деловен комплекс со еден бизнис центар ќе биде на ова место“, додаде за Телма Чифлиганец.