„Четвртина бурек и јогурт како килограм месо“ - „евтиниот“ македонски појадок чини и повеќе од 200 денари

Баничка и јогурт, или четвртина бурек, станаа вистински луксуз за македонските граѓани. Цените на овие едноставни оброци, симбол на македонската традиционална кујна,  доживуваат енормен скок, а реакциите на социјалните мрежи не изостануваат.

„Стигнав МК, викам бурек ќе јадам, не сум јадел 100 години. Знаете колку е четвртинка на аеродром? Кило јагнешко и четвртина бурек се иста цена“, стои во еден коментар на Twitter, кој стана вирален.

Друг корисник додава: „Откако поскапе бурекот и ќебапчињата, ги бојкотирам. Ако сум јадел бурек 4-5 пати месечно, сега купувам еднаш месечно – и тоа само таму каде што вреди. Не дека не можам да си дозволам, туку не вреди за таа цена“.

Цените на бурек, баничка и јогурт во некои објекти достигнуваат и до 200 денари, што е двојно повеќе од пред неколку години, кога истиот оброк чинел под 100 денари. За многумина, ова не е само прашање на инфлација, туку и на принцип – вреди ли едно парче бурек навистина толку?

Граѓаните се револтирани, а коментарите на социјалните мрежи ја отсликуваат реалната слика на секојдневната борба со растечките цени. Се чини дека традиционалното „печиво и јогурт“ станува оброк кој се мерат со грамажа – и со трпение.