Четворица од повредените во пожарот во Кочани се во критична состојба

Четворица пациенти кои се лекуваат надвор од земјава се во критична состојба, а 8 други се очекува оваа недела да се вратат дома. 

Министерот за здравство Арбен Таравари во денешната изјава за медиумите информираше дека вкупно 16 пациенти кои се лекуваат во државава денеска се испишуваат од болница и се упатуваат на домашно лекување.

- Истовремено веќе се подготвуваме за прием на пациенти кои се враќаат од странство. Во моментот се вкупно 115 пациенти надвор од државата. Оваа недела очекуваме 8 пациенти да се вратат во клиниката каде што претходно биле примени и од таму ќе бидат упатени каде треба да продолжат со лекување. Минимум престојот ќе биде ден до два и потоа ќе бидат пуштени дома. Нема да оставиме ништо на случајност. Во моментот 4 пациенти се покритични од тие што се лекуваат надвор од државата. Да се надеваме дека и нивната состојба ќе се подобри, рече министерот Таравари.

Во моментот во Скопје се лекуваат вкупно 46 пациенти, од кои 26 се во Клинички центар (3 пациенти на КАРИЛ, 6 на пластична хирургија, 11 на токсикологија, 2 на пулмологија, 2 на детска хирургија, 1 на торакална хирургија и 1 на офталмологија). Во ГОБ „8 Септември“ и во Старата градска болница се сместени по 10 пациенти.