Четворица обвинети за грабежот во „Тутунска банка” признаа вина пред судот

Четворица обвинети за грабежот во „Тутунска банка” признаа вина на денешното рочиште во скопскиот Кривичен суд.

Како што соопшти Јавното обвинителство тие се изјасниле за виновни дека со умисла и во повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ја својата работна позиција и познавање на процесите на работата во банката, противправно присвоиле парични средства во значителен износ од 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра.

На 10 април годинава извршиле кражба и на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра.

Иако ги признале во целост наводите од обвинителниот акт, обвинетите не откриле што сториле со украдените парични средства.

– Согласно обвинителниот акт, првообвинетиот се гонеше за сторени кривични дела – затајување од член 239 став 5 во врска со став 3 и 1 и во врска со член 45, што значи дека делото е сторено повеќе пати во низа како повеќекратно остварување на истото дело, како и за сторено кривично дело – тешка кражба од член 236 став 3 од Кривичниот законик. Второто лице се товареше за истите кривични дела – затајување и тешка кражба, но во врска со член 24 од Кривичниот законик, односно за помагање. Третиот обвинет со обвинителниот акт се товари за кривичното дело – тешка кражба со помагање, додека пак четвртото лице е обвинето за кривичното дело – затајување во врска со член 22 од Кривичниот законик, односно за соизвршителство, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Откако обвинетите ја признале вината, судијата закажа рочиште на 27-ми овој месец, на кое ќе бидат изнесени завршните зборови во предметот против нив. – За кривичното дело тешка кражба од член 236 став 3, што се однесува на предмети во вредност од големи размери, пропишана е затворска казна од три години до 10 години. За кривичното дело од член 239 став 5 – затајување, законикот пропишува затворска казна од една до 10 години, истакнуваат од Обвинителството.

Надлежниот обвинител кој постапува во предметот до судот доставил и обвинителен предлог против други четири лица, на кои како одговорни лица во банката врз основа на општ акт, со посебно овластување им биле доверени определен круг на работи, но тие несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа го овозможиле противправното присвојување на паричните средства во горенаведениот износ. Две лица се товарат дека сториле кривично дело – несовесно работење во службата од член 353 став 5 во врска со член 45 од Кривичниот законик, што предвидува вршење кривично дело од продолжен вид, додека другите двајца се товарат за истото кривично дело – несовесно работење во службата, но за негово еднократно сторување.

Постапката против овие четири лица продолжува одвоено.