Четири настани за Европската недела на спортот

„Повик за здрав начин на живот“, Масовно скокање на јаже, „Биди активен ноќе“ и Масовно искачување на Водно, се четирите настани што ги организира Македонија во рамки на претстојната манифестација Европска недела на спортот.

Европската недела годинава ќе се одржи под мотото „Биди активен”, а во активностите се очекува да бидат вклучени милиони лица.

Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Спортскиот центар „Борис Трајковски” денеска апелираа во манифестацијата да учествуваат што повеќе македонски граѓани, посебно млади луѓе. Досега, како што беше речено на прес-конференција, се вклучени 15 општини, национални спортски федерации, спортски клубови и центри, спортисти и спортски работници од земјава.

Повикот за здрав начин на живот ќе се одржи на 23 септември во „Жена парк“ од 18 до 20 часот, Масовно скокање на јаже ќе има на 25 септември од девет до 17 часот на Плоштад Македонија, „Be active nigt“ е во „Борис Трајковски“ од 17 до 22 часот, а Масовното искачување на Водно ќе биде на 30 септември во девет часот од пред ОУ „Кочо Рацин“. Завршниот фестивал ќе се одржи на средно Водно.

– Од 2015 година, Европската унија преку свои проекти сака да го мотивира населението за здрав начин на живот преку правилна исхрана, спорт и физички активности, истакна директорот на АМС Дарко Каевски.

Спортскиот центар „Борис Трајковски” ќе биде домаќин на „Биди активен ноќе“. Според директорот на центарот Александар Петровски, само во рамки на овој настан се предвидени преку 30 активности, а целта е подигнување на свеста за позитивните ефекти од спортот и физичката активност.  

Националниот координатор за Македонија Александра Дичевска соопшти дека сите информации за настаните може да се најдат на Фејсбук страницата на Европската недела на спортот.