Четири милијарди евра е долгот на граѓаните кон банките, задолжувањето е зголемено за 7 отсто

Вкупниот долг на македонските граѓани кон банките изнесува 3,9 милијарди евра, покажува последниот извештај на Народна Банка. Според НБРСМ, долгот на населението кон банките во август бил за 0,4 проценти повисок во однос на истиот месец минатата година, а на годишно ниво задолжувањето се зголемило за 7,2 проенти.

Во текот на август, граѓаните претежно се задолжувале со девизни кредити, но воопшто, на годишно ниво, денарските кредити преовладуваат во вкупната задолженост. Статистиката покажува дека потрошувачките кредити се префериран избор кога граѓаните имаат потреба од финансиски средства - тие чинат повеќе од половина од вкупниот долг (2,02 милијарди евра).

За време на месец август, барањата за потрошувачки кредити забележаа раст од 0,3 проценти, додека на годишно ниво порастот е 6,4 проценти. При станбените кредити, месечното зголемување изнесува 0,8 проценти, а годишното 10,8 проценти.

Минатиот месец, банките одобриле повеќе кредити за компаниите, со раст од 0,5 проценти, додека на годишно ниво забележан е пораст од 8,1 проценти. Според Народната банка, ова е целосно резултат на зголеменото кредитирање во денари, додека кредитите во странска валута се намалени.