Четири години од „Диво насеље“

Денеска се навршуваат четири година од оружената пресметка во кумановското „Диво насеље“, што траеше два дена, при што животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи,  додека четириесетина беа тешко повредени.

Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ кои посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на државата од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.

За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” и „Тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Случајот подоцна се спои со „Молња“ во кој се водеше постапка против осум лица помагачи на вооружената група од „Диво насеље“, со што бројот на обвинети се зголеми на вкупно 37.

Републичкото Јавното обвинителство покрена постапка за приведените во акцијата во Куманово откако МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против определен број лица за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.

Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 лица беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда.

Кривичниот суд во ноември 2017 година на казна доживотен затвор осуди осуммина обвинети за терористичкиот напад во кумановско „Диво насеље“, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.

На казна затвор од 20 години се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.

Пресудата за овој случај требаше да биде донесена на 17 октомври, но беше одложена поради локалните избори на барање на МВР.

Обвинителството побара доживотен затвор за сите 37 обвинети за тероризам и терористичка организација.

Владата во ноември пред две години прифати да биде отворена меѓународна истрага за случајот „Диво насеље“. Премиерот Зоран Заев изјави дека е информирана меѓународната заедница и оти се бараат начини за спроведување на меѓународна истрага за неразјаснетите околности поврзани со настаните во кумановската „Диво насеље“.

Nike Air Force 1 Flyknit Navy White