Огнениот Свети Илија, еден од највеликите Пророци во Стариот Завет, оставил неизбришлива трага во сеќавањето на секоја богољубива и вистинољубива душа велат од Бигорскиот манастир. Според нив неговата ревност за вистинскиот Бог е како разгорен оган што проголтува секаква нечистотија, заблуда и занесеност по овој лажен свет, а неговата вера е посилна од природните стихии. Духот на Свети Илија е како двоостар Божји меч на Земјата, а неговата човечка природа беше во виор од оган вознесена на Небото. Светиот Пророк Илија нема напишано ниедна книга, како останатите Свети Пророци, а сепак, неговото сведоштво и животна поука стојат цврсто врежани во умот на секој верник, посилни од совеста.
„Чествувајќи го споменот на овој велики Божји Пророк, кој беше грабнат на Небото со огнена колесница и со огнени коњи, кој во времето кога нашиот Господ Исус Христос чекореше на Земјата се јави при Неговото Преображение и кој пак ќе дојде при крајот на светот, за да уреди сѐ, нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, по традиција и оваа година отслужи Света Литургија во славното село Лазарополе. Со дел од бигорското братство, архимандрити, јеромонаси, јероѓакони и дебарскиот парохиски свештеник о. Миле Ангелковски, го изврши Божественото Тајноводство во сечесниот храм на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец. Молитвено, пак, беа присутни монахињите од сестринството во Рајчица, детскиот црковен хор од Кичево „Митрополит Козма Пречистански“, а тука беа и гостопримливите домаќини лазоровци, кои знаеја што значи доаѓање на архиереј и дека тоа е голем благослов за селото.
Во својата празнична беседа нашиот возљубен родител и татко во Христа, Старец и Епископ г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, говореше за силата, за ревноста, за верата и за духот на Свети Илија, но и за денешното обезличено и застрането постхристијанско општество, кое во многу потсеќа на она од времето на Пророк Илија.
По отпустот на Светата Евхаристија, Старецот Епископ со браќата јеромонаси и јероѓакони отслужи и трисагија за спомен на ктиторите на лазаровскиот велелепен храм, како и за сите што паднале на браникот за верата и татковината наша“ стои во соопштението на Бигорскиот манастир
По враќањето во Бигорскиот манастир, владиката г. Партениј го изврши чинот на Доксологија – славословие и молитва за покој на сите кои ги положиле своите животи за нашата слобода. На крајот, од страна на хорот на Бигорското монашко братство беше испеана македонската национална химна.