Македонскиот ракометен вицепрвак, екипата на Металург забележа голема победа во Лигата на шампионите против Елверум, меѓутоа сега за момците на Лино Червар следи нов испит – дерби-дуел со локалниот ривал и актуелен првак во мак-првенството, Вардар.
Автокомандосите се распукаа во Норвешка и победија на гостински терен во Европа по повеќе од две години. Червар е задоволен од тој дуел, но вели дека мечот против Вардар за неговиот млад тим доаѓа во незгоден момент.
– Натпреварот против Вардар ни доаѓа во незгоден момент. Пред два дена имавме тежок меч во Норвешка против Елверум во која моите ракометари се исцрпија. Но, како и да е, ова дерби има големо минато и секогаш е интересно за љубителите на ракометот во Македонија. Вардар е апсолутен фаворит на овој натпревар, моите млади ракометари ќе мора да дадат се од себе ако сакаат да се надигруваат со македонскиот првак – изјави Червар.
Мечот меѓу Вардар и Металург се игра од 17.45 часот во СЦ „Јане Сандански“.