Чеферин во официјална посета на ФФМ: поддршка за реформите и развојот на македонскиот фудбал

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин престојуваше во официјална посета на Фудбалската федерација на Македонија, на покана од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Во делегацијата предводена од Чеферин се и Зоран Лаковиќ, директор за национални асоцијации во УЕФА, како и Денис Бастари, раководител за развој на национални асоцијации.

Омерагиќ ја оцени посетата како значајна за македонскиот фудбал, истакнувајќи дека таа претставува потврда за соработката со европската куќа на фудбалот и поддршка за реформските процеси. „Посетата на Александар Чеферин е вистинска потврда на нашето пријателство и искрениот однос што го имаме со раководството на УЕФА. За нас е особено важно што во изминатата година спроведовме сериозни реформи во повеќе сегменти, од структурни и организациски промени, преку подобрување на инфраструктурата, до јасна стратегија за развој на младинскиот фудбал“, изјави Омерагиќ.

Тој додаде дека на средбите биле разменети информации за состојбите во македонскиот и регионалниот фудбал, при што се разговарало за клучните предизвици и идни чекори. „Оваа поддршка и разбирање од УЕФА е силен поттик да продолжиме со реформите и да го развиваме македонскиот фудбал на највисоко можно ниво“, посочи Омерагиќ.

Во рамки на посетата, Чеферин оствари средби со државниот врв, вклучително и со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски. Предвиден е и работен состанок во „Куќа на фудбалот“.