Чаирската „Фурна“, крофните од Хром...Специјалитети кои може да се вкусат само во Скопје!

Скопје, град кој изобилува со ресторани, кафулиња и најмногу од сè – маалски фурни кои се прославиле со своите специјалитети. Сите се познати најмалце по едно нешто и тоа придонело да ги знаат сите. Во листата подолу се обидовме да ги собереме на едно место “најлегендарните“ специјалитети во градот, кои со години претставуваат синоним за квалитет меѓу Скопјани.

Зденка маслинка од „Кај мајче“

Скопјани знаат дека после ноќните излегувања најдоброто лиснато со зденка и маслинка можат да го вкусат токму „Кај мајче“. Лоцирана во близина на грчката амбасада, пекарата која работи само во вечерните часови стана позната меѓу помладата популација по овој нејзин специјалитет.

Симит погача и солени стапчиња од Чаирската „Фурна“

Таа е најстарата и единствена фурна во Скопје, која сė уште работи со традиционален начин на печење, со голема фурна на дрва. Ќе ја препознаете по неодминливите редици гладни муштерии, кои нетрпеливо чекаат да се дограбаат до некој од вкусните производи на оваа стара традиционална пекара. Рано наутро или доцна во ноќта, оваа фурна за Скопјани веќе 114 години неуморно ја подготвува најдобрата симит погача.

Пица бурек од „Буцко“ во Маџари

Одлична бурекџилница, каде ќе го пробате најбогатиот бурек со кулен или со свински врат. „Буцко“ работи во ноќните часови, а не е премногу да се каже дека токму тука ќе го пронајдете најдобриот пица-бурек во градот.

Крофните од Хром

Дури и за жителите на Карпош и Тафталиџе не претставува никаква потешкотија да тргнат во долга прошетка за на крајот да се наградат со фамозните крофни од Хром. Полнети со вкусен, чоколаден крем, ќе ве освојат од прва.

Хамбургер од „7-ца„

7ца е landmark на Скопје и со сигурност можеме да кажеме дека нема кој не знае за нивниот хамбургер и секако мајонезот.

Шампита или индијанка со боза од „Апче„

Слаткарницата „Апче“ со децении е асоцијација на добрата боза, традиционалните слатки, незаменливите вкусови. Идиличен белег на Дебар Маало. Сигурно не постои човек што барем еднаш не седнал на масичките спроти Универзална сала и се почестил со лимонада, еклер, индијанка, шампита… Нема странец што минал во „Апче“, а дома да не се вратил и дарувал убави зборови за бозата.

Десетка со кромид од Дестан

Долгогодишна традиција која секогаш ги исполнува вашите очекувања. Нема нешто поубаво од мирисот на кебапчиња на скара со кромид и потпечено домашно лепче.