Чаир организира дочек на европскиот шампион во борење, Бесир Алили

Општина Чаир и Борачкиот клуб „Лирија“, денеска, на координативен состанок договорија организација на свечен дочек на европскиот шампион во борење за кадети, Бесир Алили.

Пречекот е закажан за денеска (24 јуни) во 18 часот на плоштадот Скендербег.

„Да го пречекаме со дигнитет и еуфорија тој што ни го обели образот и со освоениот златен медал на европското првенство во борење нè направи сите да се чувствуваме горди“, се наведува во соопштението од Општина Чаир.

На Европското првенство во Фиренца во борбата за златниот медал Алили во тежок и изедначен меч со 7-6 во поени го доби Ерменецот Харутјун Хованисјан.

На патот до финалето талентираниот Алили ги совлада Оскар Кулчицки од Полска, Андреј Витан од Молдавија и Лука Гугешашвили од Грузија.