Чаир контра Шилегов: Надвозникот на Бит пазар е добар, Шилегов да го затвори дивиот премин

Во обид да се реши хаосот околу Бит пазар општина Чаир во 2009 година го изгради пешачкиот мост кој ги поврзува двете страни на булеварот Крсте Петков- Мисирков. Сепак, голем број граѓани свесно одлучуваат да се изложат на опасност, па наместо да ги искачуваат скалите на мостот, претрчуваат преку улица, на необележан пешачки премин. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вчера ги повика надлежните во Општина Чаир да го затворат надвозникот, бидејќи бил неупотреблив. Во замена за тоа, како што рече Шилегов, Градот ќе исцрта пешачки премин.

Од општина Чаир информираат дека мостот е во функција и не гледаат причина истиот да биде затворен или пак отстранет. Од таму бараат Градот Скопје да го затвори нелегалниот премин, со цел да ги стимулира граѓаните уште повеќе да го користат мостот, или пак да обележи легален пешачки премин.

– Мостот не е пречка, за да не може да се обележи пешачки мост. Дивиот премин кој сега го користат граѓаните, уште повеќе ги стимулира да прават прекршоци и да не го користат мостот. Го слушнавме ставот на градоначалникот Шилегов, и може да кажеме дека двајцата градоначалници, Висар Ганиу и Петре Шилегов ќе бидат во координација, за да се достигне разумно решение, за безбедност на пешаците – одговорија од општина Чаир.

Дел од сообраќајните експерти кои ги консултиравме сметаат дека кога има надвозник нема потреба да има и пешачки премин, бидејќи надвозникот треба да ги пренасочи граѓаните да го користат надвозникот за побезбедно поминување на сообраќајниците. Доколку ги има и двете, обично пешаците го ибегнуваат надвозникот, и преминуваат улица на пешачки премин. Надвозниците сепак, се подобри решенија, сметаат сообраќајните инженери.

Дека надвозниците во Скопје не ја оправдуваат намената за која се изградени говори токму и мостот „Влајко“ кој иако е функционален и осветлен, ретко кој го користи.