Централниот регистар домаќин на најголемите светски експерти од областа на бизнис регистрите

Претставници на корпоративни деловни регистри од над 60 земји и повеќе од 160 делегати од цел свет ќе ги споделат светските практики поврзани со функционирањето и менаџирањето на корпоративните системи за регистрација на бизнис на годишната конференција на Форумот за корпоративни регистри која од денеска до четврток се одржува во Скопје и во Охрид.  

Годишната конференција на Форумот за корпоративни регистри (CRF), кој е асоцијација на меѓународни бизнис регистри, веќе 16 години се одржува во различни земји, при што секоја година е на различен континент со цел да се задржи поврзаноста на земјите ширум светот. Делегатите на Форумот првпат се состанале во Окленд во Нов Зеланд во 2003 година, а годинава се состануваат во земјава каде домаќин им е Централниот регистар на Северна Македонија (ЦРСМ). Годинашната 16. конференција на Форумот ќе ги собере претставниците од целиот свет кои ќе споделуваат знаења и искуства на општата тема "Трансформирање на бизнис регистрите во поттикнувачи на меѓународната соработка и трговија".

Во работните сесии на конференцијата ќе бидат опфатени 12 теми, меѓу кои се прекуграничната размена на информации меѓу регистрите, искуствата од дуинг бизнис, предизвиците при управувањето со модерните регистри, новите ИТ технологии во оваа област и сл. Говорници на овие теми се врвни експерти од целиот свет кои ќе придонесат оваа годишна средба да биде катализатор на позитивни промени и дополнителен напредок во оперирањето на регистрите.   

Годинешната конференција на Форумот ја отвори премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, кој истакна дека иницијативите за регионално и меѓународно поврзување што ги преземаат Република Северна Македонија и Централниот регистар имаат заедничка цел, а тоа е развој на земјата на глобално ниво, промовирање како земја со поволна деловна клима, генерално отворање на македонскиот пазар и развој на капитални инвестиции.

-   Централниот Регистар е во постојана интеракција со бизнисите. Оваа институција е значајна врска помеѓу нас како Влада и деловната заедница, токму затоа претставува значаен инпут во формулирање на барањата преточени во реформските инцијативи и политики на Владата кои се насочени кон зголемување на растот на стопанството, промовирање на здрава и поволна деловна клима и промовирање на Република Северна Македонија како поволна дестинација за инвестиции  – рече премиерот Зоран Заев на официјалното отворање на Форумот.

Директорката на ЦРСМ, Марија Бошковска – Јанковски, истакна дека како што бизнисот не познава граници, така и регистрите повеќе не смеат да си дозволат да функционираат изолирано во своите национални системи. Поради тоа, земјите во светот, вклучувајќи ја и во Југоисточна Европа, интензивно се бараат модели за прекугранично поврзување на регистарските институции за да се поддржат компаниите во нивната жед за поврзување, инвестирање и извезување на нивните производи на странски пазари.

 - Во време кога за светот се вели дека е глобално село, бизнис регистрацијата е исклучително затворен процес. Почнуваме со размена на квалитетни, официјални податоци, но размислуваме и разговараме за сѐ она што можеме ние како регистри, како јурисдикции, да го направиме, за да поддржиме и поттикнеме прекугранична соработка на бизнисот. На оваа конференција нема да разговараме само за постоечките решенија, туку ќе разговараме и за патот кон иднината во доменот на бизнис регистрацијата - рече директорката на ЦРСМ, Марија Бошковска – Јанковски на отворањето на Форумот.

Таа додаде дека Централниот регистар, како катализатор на унапредување на бизнис климата во земјата, ја има целосната поддршка од Владата и од сите ресорни министерства.

  Во петте дена на одржување на конференцијата, делегатите освен што ќе имаат работни сесии со колегите од целиот свет, ќе имаат и можност да се запознаат со убавините и знаменитостите на Скопје и Охрид.