Централната и локалната власт со спротивставени мислења за загадувањето од автомобилите

Градскиот сообраќај не е причина за загадувањето во Скопје, велат од Министерството за животна средина. Според заменик министерот ниту една мерка која ќе го регулира возењето во градот нема да придонесе кон почист воздух.

-И сите возила, да не постојат возила во Република Македонија драстично нема да се намали аерозагадувањето. Клучот е на друго место, вели Јани Макрадули, Зам. Мин за животна средина.

И покрај ваквиот став на Министерството за животна средина, градските денеска одлучија да воведат бесплатен автобуски превоз во деновите со енормна загаденост ама не откриваат која е горната граница по која ќе се воведе таквата мерка.

-Граѓаните на градот Скопје мора да сфатат дека секој од Нас, од себе треба да започне кога е воздухот во прашање – да се лишиме од личните бенефити и задоволства, изјави Петре Шилегов, Градоначалник на Скопје.

На одлуката за бесплатен градски превоз реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

-Не донесовте ниту една нова мерка со која што ќе се намали аерозагадувањето оваа зима, обвини Светлана Колариќ, Советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Мерка за бесплатно возење во градските автобуси во денови со висока загаденост применуваше и претходната градска власт.