Центарот за изгореници во хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје не работи повеќе од две години

Центарот за изгореници во хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје, или поранешна Градска болница, не работи повеќе од две години, бидејќи реконструкцијата на болницата која почна во 2016 остана недовршена, пренесува СДК.

Овој центар беше единственото место во земјава каде во соодветни услови се третираа пациенти со тешки изгореници.

Центарот има посебен влез, за да не се мешаат овие пациенти со останатите и да може во стерилни услови да се лекуваат. Но, по почнувањето на градежните работи пред две години, тој е затворен. Од „Св. Наум Охридски“ велат дека тогаш на првиот кат биле преместени и одделот за пластика и детскиот оддел, кои исто така беа сместени на третиот кат од болницата.

„За жал, Центарот за изгореници не работи. Одделот за пластична хирургија и детското одделение се префрлени долу, во рамки на другите одделенија, и сега имаме помалку кревети за прием на овие пациенти. Почната е реконструкцијата од третиот кат, направено е окното за нов надворешен лифт, со кој директно требаше да се пренесуваат пациентите до Центарот за изгореници и да немаат допир со останатите пациенти. Но, толку. Окно за лифт има, но лифт нема. Градежните работи таму се завршени, но не се поврзани инсталациите. На пример, не е поврзан системот за довод и одвод на вода со водоводната мрежа во болницата“, вели д-р Иван Спировски, директор на „Св. Наум Охридски“, за СДК.

Тој кажа дека лани кога бил именуван за директор на Градска, реконструкцијата била запрена и недовршена.

„Планот бил за да се изведе успешно обновата да се исели целата болница, но тоа не се случи“, вели д-р Спировски.

Целосната реконструкција на болницата ја најавија поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, кои кажаа дека таа ќе почне во септември 2016 и ќе заврши во април 2017 и ќе чини 2,3 милиони евра.

„Колку и како е плаќано за реконструкција на болницата не можам да кажам, бидејќи тој проект е воден преку Министерството за здравство“, вели д-р Спировски.

Центарот за изгореници беше отворен во 2000 година за третман на пациенти со тешки и длабоки изгореници за целата земја. Тој беше опремен со хируршка сала и специјални водени кревети и имаше посебен влез со што беше одвоен од другите пациенти и беа обезбедени соодветни стерилни услови. Центарот беше изграден со донација од владата на Јапонија.

Но, и пред да почне реконструкцијата на болницата во 2016, на неколку наврати во претходните години имаше проблеми во функционирањето на Центарот, бидејќи специјалните водени кревети беа во дефект, па пациентите беа оставани на обични кревети, каде самиот допир со чаршавите им предизвикуваше дополнителна болка.