Центарот на Скопје добива нов лик: Мермер во Жена парк, осветлување на Камениот мост и враќање на фонтаните

Центарот на Скопје постепено добива нов лик. Се уредуваат јавните простори, се обновуваат урбаните содржини и се враќа сјајот на препознатливите градски симболи, со цел централното градско подрачје да изгледа поубаво и поуредено.

Во Жена парк во тек е замена на постојните подни плочки и пешачки патеки со мермерни, кои треба да му дадат поблагороден изглед на просторот. Паралелно се реставрира урбаната опрема, а со дополнително хортикултурно уредување ќе се збогати зеленилото.

Една од промените е и повторното ставање во функција на Вечниот оган кај фонтаната во Женскиот парк, кој во минатото не работеше.

Промени се најавуваат и кај еден од најпрепознатливите симболи на главниот град. Во тек се активности за архитектонско осветлување на Камениот мост, со кое неговата силуета треба да биде поизразена во вечерните часови.

Дополнително, се очекува повторно да биде ставена во функција и подната фонтана на плоштадот „Македонија“, која е една од содржините што му даваат посебен белег на централниот градски простор.

Со обновата на парковите, уредувањето на пешачките површини и враќањето во функција на дел од градските содржини, центарот на Скопје влегува во период на промени што треба да придонесат за поуредена и попријатна градска средина.