Центар за граѓански комуникации: За новогодишни пакетчиња државните институции и општините потрошиле 72.000 евра

Државните институции и општините за купување новогодишни пакетчиња за децата потрошиле 72 илјади евра. Тендери за купување пакетчиња за новата 2022 година имале 20 институции, додека други 37 институции купиле пакетчиња без примена на Законот за јавните набавки, бидејќи вредноста на набавките била помала од илјада евра – колку што изнесува вредносниот праг под кој не важи Законот за јавните набавки, покажуваат резултатите од испитувањето што го направи Центарот за граѓански комуникации.

Сепак, велат оттаму, и некои од институциите што спровеле тендер набавиле пакетчиња за помалку од илјада евра, но решиле тоа да го направат со примена на Законот за јавните набавки поради поголема транспарентност.

– Вкупната сума пари потрошени за пакетчиња за новата 2022 година изнесува 72.571 евро, но се очекува оваа вредност да биде уште поголема имајќи предвид дека некои институции сѐ уште ги немаат објавено договорите и вредноста на потрошените пари за оваа намена. На повеќе од две третини (68 отсто) од тендерите за набавка на новогодишни пакетчиња била добиена само по една понуда, на помалку од една третина од тендерите имало по две или три понуди. Меѓу фирмите од кои се набавувани новогодишните пакетчиња убедливо води „Колид“ од Колешино од каде се купени една четвртина од пакетчињата, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Најмногу институции, додаваат од Центарот, купувале пакетчиња за децата на своите вработени, а помал дел купиле пакетчиња и за деца кои се наоѓаат во болница, специјални училишта и сл. Најголем дел од пакетчињата се со традиционални кондиторски производи, но има и такви со литература и материјали за цртање за деца.

– Најмногу пакетчиња, 3.274 купила Општина Кавадарци, иако со пониска поединечна цена. Блиску, според бројот на купени пакетчиња е и Општина Прилеп со 3.030. Најскапи пакетчиња, како и претходната година, и сега купила Општина Новаци, по 1.377 денари за едно пакетче. Вкупно најмногу пари за пакетчиња, односно околу 10.000 евра потрошил Град Скопје, истакнуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Од таму нагласуваат дека некои институции купиле по неколку видови пакетчиња, поевтини и поскапи.

– Меѓу институциите кои купиле најскапи пакетчиња, покрај Општина Новаци, спаѓаат и Општина Битола по цена од 1.050 денари, Град Скопје по цена од 973 денари, М-НАВ по 853 денари и Министерството за одбрана по цена од 840 денари. Просечната цена што институциите ја платиле за едно новогодишно пакетче изнесува 566 денари, велат од Центарот за граѓански комуникации и додаваат дека поединечните цени и количините на купените новогодишни пакетчиња се познати само за оние институции кои имале тендер за оваа намена, но не и за останатите 37 кои купиле пакетчиња за пониска вкупна вредност од законскиот лимит за спроведување на тендер.

Од Центарот за граѓански комуникации појаснуваат дека како основа за пресметка на трошењата на институциите за новогодишни пакетчиња се земени податоците од вредноста на склучените договори за јавни набавки објавени на Електронскиот систем за јавни набавки.

– Нема податоци дали институциите ги купиле сите договорени количини на пакетчиња. Во истражувањето се вклучени сите договорни органи во Република Северна Македонија кои имале ваков вид на набавка во 2021 година, прецизираат од Центарот за граѓански комуникации.