Цените се прифатливи, нехигиената е проблем - Спасе Манев за туризмот во Македонија

Спасе Манев, туристички водич, главен администратор на фејсбук групата „Патувања низ Македонија“ и едноставно вљубеник во природата и авантурите ја објави својата прва книга посветена на туризмот во земјава!

За првенчето, но и за она што Македонија го има како туристички потенцијал разговараме со Манев! 

Се надеваме дека токму ова интервју ќе биде инспирација за оваа пролет истражите барем дел од не толку познатите туристички дестинации кои како богатство ги има нашата земја! 

Што содржи вашата прва книга?

Оваа книга ги содржи туристичките места во Македонија кои не се многу познати и туристички места кои се познати, но многу малку се знае за нив. Во книгата се опфатени археолошки локалитети, ретки дрвја, споменици на природата, културни знаменитости и многу други туристички места, кои поретко се посетуваат и не се многу популаризирани, а некој ден би можеле да станат вистинска туристичка атракција, не само во Македонија, туку во целиот регион. Книгата содржи многу фотографии од локациите што лично сум ги посетил и многу информации, кои голем дел и не можат да се најдат на интернет.

Колку сметате дека се ценат и се посетуваат нашите македонски дестинации? Или сепак Македонците првин ќе тргнат кон некоја популарна дестинација низ светот и/или Европа запоставувајќи ги местата кај нас, на некој километар оддалеченост? Родниот туризам се цени ли доволно?

За жал домашниот туризам не се негува доволно и туристичките места не се посетуваат доволно. Повеќето Македонци повеќе патуваат во соседните држави и некаде подалеку, незнаејќи какви убавини има нашата Македонија. Имаме дестинации кои се по нешто единствени во светот, но многу луѓе не ги знаат овие информации. Освен институциите и државата, која не врши доволно промоција на домашниот туризам, и голем дел од Македонците не си ја промовираат доволно Македонија. Имаме преубави места кои под никој случај не смеат да се запостават.

Книгата ,,Патувања низ Македонија” е одличен водич кои ќе им покаже убавините на Македонија и да научат многу за местата низ државата.

Работите и како туристички водич. На што се жалат најчесто туристите во земјава, а што ни е најголема предност?

Повеќето странски туристи што за првпат ја посетуваат земјата, но и домашните туристи што често се по нашите туристички места, најчесто се жалат на хигиената, за која и јас лично ја сметам како најголем проблем и пречка во развојот на туристичките места во Македонија, исто така до повеќето села низ Македонија немаме добри патишта, па селскиот туризам не може да се развие правилно, како што е случај во соседството, каде што е во голем подем.

Во однос на цените, јас лично не сметам дека се голем проблем во Македонија, а воопшто не се проблем за странците. Освен Скопје и Охрид, кои се најголеми туристички центри во Македонија и двата најпосетени градови во Македонија, во другите градови, цените се многу поприфатливи. Дури сметам дека цените на повеќето угостителски објекти се прифатливи и не се проблем за многу Македонци.

Голема предност е и гостопримливоста на народот, познавањето на англиски јазик на помладите Македонци кои се од голема помош на странските туристи што ја посетуваат земјата.

Топ 3 дестинации низ земајава на кои Вие лично би однесе гости од странство?

Има премногу места што ми се омилени и некои ги посетувам повеќекратно. Би ми било потешко за да изберам само три, но ете ако морам да го направам тоа, би биле:

1. мегалитската опсерваторија Кокино

2. подземните тунели во Кратово

3. топлите вирови на Дошница.

Скопје и околината – кои три топ локации ги препорачувате за посета?

Скопје и околината имаат премногу локации. Имам многу посетено, а тие што би ги препорачал се:

1. Скопскиот аквадукт во комбинација со археолошкиот локалитет Скупи и изворот Лавовец. Овие три места во минатото биле поврзани, односно од изворот се пренесувало вода преку аквадуктот до античкиот град Скупи, па е добро да се посетат сите три одеднаш и би ги препорачал како едно.

 2. Најстарата црква во Скопје, Св. Спас, која се наоѓа во манастирски комплекс во кои ги има гробот на Македонскиот великан Гоце Делчев и музејот на Гоце Делчев.

3. Кучковските водопади кои се наоѓаат во близина на скопското село Кучково.

Лично вие како одмарате, кои места ги преферирате, каде најубаво полните батерии?

Преферирам да одмарам на места покрај вода. Сакам места кои се покрај вода, т.е. море, езеро, река. На тие места ги полнам батериите и го наоѓам мирот. Исто така не исклучувам опција и некое високо планинско село на нашите убави планини.

Дали Македонците се гостопримлив народ?

Често Македонците се покажале како гостопримлив народ. Често кога патувам низ Македонија, среќавам луѓе кои не ги познавам и знам да си направам разговор со нив во врска со местото кое сакам да го посетам и често разговорите знаат да бидат многу пријатни и подолги. Иако југоисточниот крај на Македонија важи за најгостопримлив во Македонија, според мене цел Македонскиот народ е гостопримлив. За тоа се доказ и многуте странски туристи кои ја посетиле Македонија и имале контакт со локалното население и често знаат да споделат на социјалните мрежи за тоа колку гостопримлив народ сме ние Македонците.