Цените на роамингот за земјите од регионот со ЕУ драстично ќе паднат

Драстично намалување на цените на роамингот за земјите од регионот со ЕУ ќе биде една од темите на разговорите на Дигиталниот самит на Западен Балкан што ќе се одржи во Скопје на 18 и 19 следниот месец, најави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој присуствува на меѓународната конференција за ИКТ, иновации, регулатива и инвестиции, што се одржува во Софија.

Освен ова, на Самитот, како што рече тој, ќе се разговара и за заемно признавање на дигиталните сертификати меѓу земјите од регионот со EУ, за зајакнување на дигиталните вештини, како и за заедничка стратегија за сајбер-безбедност на Западен Балкан со ЕУ.

Иновациите и претприемништвото во ИКТ, посочил министерот Манчевски, се признати како основно средство за создавање работни места и економски развој во Македонија, а ова е случај и во останатите земји од Западен Балкан.

– ИКТ е основата на реформите на администрацијата, а  дигитализацијата значително ги намалува можностите за корупција, навел меѓу останатото Манчевски, на конференцијата во Софија под покровителство на Владата на Бугарија во рамки не нејзиното претседавање со Европската Унија.

На конференцијата се обратија и претседателот на Бугарија Росен Плевнелиев, еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, Бесим Беќај, министер за иновации и претприемништво во Владата на Република Косово.