Цените на нафтата во минус

Цените на нафтата паднаа за прв пат во минус, во услови на колапс на побарувачката на енергија поради пандемијата на коронавирусот и немањето каде да се складира. Цената на американската нафта со испорака во мај прво падна на нула, а потоа се спушти на минус 37,63 долари за барел. На почетокот на годината цената беше околу 60 американски долари за барел.

Минусната цена во голема мерка се должи на технички причини, бидејќи договорот за мајска испорака на американската референтна нафта истекува наскоро, а обемот на тргување е мал, бидејќи не е лесно да се најдат купувачи. Сите складишта во светот се скоро полни и понудувачите се принудени да ја намалат цената за да најдат купувач. Големите производители на нафта најавија дека ќе го намалат производството со надеж дека ќе постигнат подобар биланс на понудата и побарувачката, но многу аналитичари велат дека тоа не е доволно.