Цената на струјата останува иста

Граѓаните можат да останат мирни, цената на струјата останува иста. Според Регулаторната комисија за енергетика, РКЕ, нема промена на цената на струјата, нема да има ценовен шок ниту пак какви било корекции. Сѐ останува како што е досега, освен што од понеделник, 1 јули, почнува со работа новиот универзален снабдувач кој ќе им испорачува струја на домаќинствата по регулирана цена.

До промена на цената, според РКЕ, може да дојде единствено ако се случат драматични промени во цената на увозната цена на струјата. Но, клучно за Македонија е што домаќинствата можат да останат на регулираниот пазар.

Од 1 јули домаќинствата ќе добиваат електрична енергија од ЕВН Хоум. Новиот универзален снабдувач практично не значи ништо за граѓаните, бидејќи овој правен субјект произлегува од ЕВН Македонија, енергетската компанија која и досега ги снабдува домаќинствата. Сите корисници на услугите на ЕВН остануваат во дистрибутивната мрежа на оваа компанија, а единствената новина е што домаќинствата ќе добиваат сметки на кои ќе пишува ЕВН Хоум.