Цементарница: УСЈЕ не загадува, дојдете и уверете се

Сите чинители, вклучително и граѓаните треба да дадат придонес во намалувањето на аерозагадувањето во градот. Оттаму се категорични дека УСЈЕ не е причинител за ваквите состојби и треба да се лоцираат вистинските загадувачи.

– Цементарница УСЈЕ со внимание ја следи загриженоста на јавноста во врска со состојбите во градот Скопје и смета дека сите треба да дадеме придонес во решението, особено во лоцирање на вистинските причинители, а податоците јасно укажуваат дека УСЈЕ не е причина за ваквите состојби. Како отворена компанија, ги повикуваме сите заинтересирани граѓани, организации и институции во петок во 10.30 часот, да дојдат и да ја посетат нашата компанија, за да се запознаат со сите процеси во компанијата и да добијат одговори на сите прашања што сметаат дека се од нивен интерес – соопштуваат од УСЈЕ.

Оттаму потсетуваат дека од 2011 година имаат Интегрирана А еколошка дозвола со оперативен план од Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Оваа дозвола гарантира строго почитување и имплементирање на сите законски обврски и континуиран независен мониторинг на сите активности на компанијата. Работењето на компанијата се следи од Државниот инспекторат за животна средина и оваа институција редовно врши контроли на компанијата. Сите податоци од мерењата се и јавно достапни на страницата на Министерството за животна средина и на интернет страницата на компанијата www.usje.com.mk. Тие јасно укажуваат на фактот дека УСЈЕ во целост ги исполнува законски предвидените услови и емисиите се во просек неколку пати пониски од законски дозволените концентрации – велат од УСЈЕ.

Операциите на цементарницата се мониторираат 24 часа, 365 дена во годината и тоа преку независен мониторинг.

– Опремата со која се врши мониторингот е на производителот SICK–Maihak од Германија, а одржувањето и калибрацијата на инстументите го врши надворешна компанија, која има авторизација од производителот и е акредитирана од Институтот за стандардизација на Република Македонија – велат од УСЈЕ.