Целосна реконструкција на патот Јурумлери – Драчево

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и претседателката на Советот на Општина Аеродром Ивана Цветковска, вчера пред месната заедница „Долно Лисиче“ оствариле средба со граѓаните на оваа населба во врска со реконструкција на регионалниот пат Јурумлери – Драчево и останати проблеми со кои се соочуваат жителите.

„Регионалниот пат во Долно Лисиче е долгогодишен горлив проблем за локалното население. Директорот на ЈПДП, Китанов, под чија надлежност е овој пат, информираше дека се обезбедени средства од Светска банка за негова целосна и темелна реконструкција. Во моментов во тек е тендерска процедура што ќе трае до крајот на јуни годинава, а реконструкцијата ќе почне во најбрз можен рок“, соопшти општината.

На средбата се зборувало и за санација на други локални улици во Долно Лисиче. Конкретно, Општина Аеродром има изработено три проекти за реконструкција на улици 2, 4 и 20.