Целиот проект за градски забавен парк е запрен - Градот купил едни, а добил други реквизити

Градот Скопје нарачал едни, а добил реквизити за Луна паркот од други производители. Тие во моментов стојат конзервирани во магацините на МЗТ и чекаат градските власти да донесат решение за нивната судбина. Нема одлука дали воопшто ќе се користат ниту, пак, дали ќе се продаваат, а не се ни целосно исплатени, пишува Независен

Целиот проект за градски забавен парк е запрен, на терен нема градежни работи, откако градоначалникот Петре Шилегов во март донесе одлука да се прекинат сите активности на проектот на неговиот претходник Коце Трајановски. Градот тогаш најави дека ќе бара приватен партнер, кој би го земал под концесија, а ќе се бара и решение да се намалат трошоците за негова изградба.

„Седум реквизити се веќе пристигнати, но според спецификациите не се од производителот којшто се барал во договорите. Заштитени се и складирани, додека не се разјасни што понатаму“, рече Шилегов. Додава дека реквизитите не се целосно исплатени, бидејќи, според договорот со набавувачот, 20 отсто од сумата треба да се плати по монтирањето и пуштањето во употреба.

Тој вели дека Скопје не само што нема да остане без забавен парк, туку ќе добие уште поубаво, поопремено и модерно катче. Во план е, вели Шилегов, и згаснување на Луна ДООЕЛ, а забавниот парк ќе работи како дел од „Паркови и зеленило“.

„Скопје заслужува сериозни и трајни решенија. Работиме да обезбедиме сигурно решение, а скопјани ќе имаат нов и модерен парк, изработен по европски стандарди. Овој концепт на Луна парк е сосема поинаква работа, а граѓаните не заслужуваат импровизација“, вели Шилегов. Потенцира дека проектот што го наследил чини околу 9 милиони евра, а градските власти ги разгледуваат преземените правни и финансиски обврски.

Обновата на скопскиот Луна парк, кој беше изграден во 1973 година, досега влегуваше во програмите на речиси сите градоначалници. Трајановски започна да го најавува новиот уште во 2015 година, но реконструкцијата започна лани пролетта, откако градските власти увидоа дека нема да најдат приватен партнер и решија да финансираат од градската каса.

Според проектот, Луна паркот требаше да се гради етапно, на површина од околу 25.000 квадратни метри, без да се зафаќа од зеленилото на Градскиот парк. Во првата фаза беше предвидено изградба на инфраструктура и придружни објекти, зграда за администрацијата, тоалети, како и партерно и хортикултурно да се уреди просторот. Паралелно со изградбата на инфраструктурата, во оваа фаза требаше да се постават првите седум реквизити, од вкупно 27 реквизити, меѓу кои имаше и три адреналински реквизити, шест семејни и 18 детски реквизити, како и разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид забави. Вкупната вредност на овој проект, изработен од фирмата „Билд урбан“, требаше да чини 6,5 милиони евра. Во меѓувреме беа продадени и старите реквизити на јавна лицитација за 20.000 евра.