Екипите од Општина Центар во координација со зимската служба работеа на расчистување на снегот кој непрекинато паѓаше во текот на вчерашниот ден. Расчистувањето се вршеше со целата расположлива механизација, а поради обилните снежни наноси екипите останаа на терен и во текот на ноќта.
Одлуката беше донесена од страна на Општината за да не се дозволи улиците и тротоарите да замрзнат или на нив да се наталожат големи количества на снег. Во периодот од 21 часот па се до 2 часот по полноќ на сообраќајниците низ Центар беа фрлени 23 тони сол кои ефективно го растопија снегот, па утрово сообраќајот се одвиваше непречено и без застои.
Најпрво опфатени беа критичните улици на Водно, а расчистувањето продолжи и на останатите делови на општината. Поради непрекинатите снежни врнежи рутата е повторена во 5 часот утрово, со тоа што до 9 часот на улиците беа фрлени дополнителните 37 тони сол. Мобилните екипи се во приправност и се спремни да реагираат по пријава на граѓани. Од општината ги известуваат граѓаните дека на одредено место е потребна дополнителна интервенција можат да го контактираат раководителот Горан Иљовски преку телефонскиот број 072 268 746.