Цела недела дивите трговци на Бит-пaзар го блокираат сообраќајот бидејќи Градот Скопје не им дозволува да продаваат

Веќе една недела дивите трговци на Бит-пaзар во знак на револт го блокираат сообраќајот на булеварот „Крсте Петков Мисирков“ бидејќи Градот Скопје не им дозволува да продаваат.

„Независен весник“ ги посети дивите продавачи кои се жалат дека се оставени без леб и дека не знаат како да преживеат. Тие исто така тврдат дека нема вистина во изјавите на градскиот татко Петре Шилегов дека има слободни места во Бит-пазар.

„Нашето барање до Град Скопје е да нѐ остават да продаваме додека не се изгради Бит-пазар бидејќи внатре нема слободни тезги. Дојде Рамазан, а ние немаме што да однесеме дома. Имаме семејства, деца, нема од каде да земеме. Не сме крадци ни криминалци, ние само бараме парче леб. Тука сме веќе 30 години и наеднаш да нѐ избркаат не е в ред. Шилегов рече дека има тезги, но тој лаже. Нека дојдат на Бит-пазар и нека видат дали има или не“, рече Седат Алимовски.

Седнати среде булевар, продавачите велат дека немаат друг начин да ја осигураат егзистенцијата.

„Ние не сме 30 луѓе, како што вели Шилегов, туку 120. Што му пречи нему тука да има тезги? Ни го земаа гласот и сега ни вртат грб. Од Општина Чаир не даваат никакво објаснување. Нека дојде Шилегов да види дали има тезги. Ако има, ние за 5 минути ќе бидеме внатре. Никому не му правиме проблем. Само бараме егзистенција. Не е во ред некој да зема 2.000 евра, а некој да нема леб да јаде“, рече Шериф Алиу.

Наспроти тврдењата на дивите продавачи, од Град Скопје за „Независен весник“ истакнаа дека на пазарот има слободни места што им ги понудиле на дивите продавачи, и тоа со поволни услови.

„Сакаме уште еднаш да ја информираме јавноста дека решение за дивите трговци има уште од првиот ден кога седневме да разговараме со нив. Ние им понудивме слободни работни места внатре во Бит-пазар со поповолни услови споредено со другите трговци, односно два месеца бесплатно. Зошто не сакаат да направат договори, и покрај фактот што во моментов има над 100 слободни тезги, треба да ги прашате демонстрантите. Компромис за ова прашање нема да има затоа што треба да ги имаме предвид и другите 500 трговци кои редовно плаќаат за користење на тезгите. Сведоци сте дека Град Скопје го зголеми ангажманот во северниот дел на градот како никогаш досега и ве известуваме дека тие ангажмани се само почеток на нашата цел да се направи градот еднаков на двете страни“, велат од Град Скопје.

 Дивите трговци на Бит-пазар најавија дека ќе продолжат со протестите сѐ додека Град Скопје не им понуди некое конкретно решение.