Цела Македонија тагува - актерите со тага се простуваат од Беличанец

Цела македонска јавност и естрада тагуваат по веста за смртта на Билјана Беличанец Алексиќ, за која полицијата информираше дека била најдена обесена во бањата од страна на нејзиниот сопруг, кој го пријавил веднаш случајот во полиција.

Настанот се случи во саботата во 22 часот и 40 минути, а легендарната актерка остави две деца зад себе.

Нејзините колеги и пријатели со длабока тага се простуваат од неа.

Од неа се прости со голема тага нејззиниот пријател и колега, актерот Драган Спасов Дац.

- „Билјана Беличанец беше мојот Петар Пан.

Полетна како никој од нашата бранша, леташе високо со своите улоги и оддаваше цврстина на маж, но беше кревка, како кокиче.
Замина во Недојдија…“, напиша тој.

Од неа со голема тага се прости актерката јелена Жугиќ.

- Почивај во мир драга Беличанец и во вечноста пронајди го она што овде не можеше. Бескрајно ќе ни недостасуваш, напиша таа.

Актерот и поранешен директор на Драмски театар, Сашо Тасевски, сподели со јавноста една анегдота поврзана со актерката Билјана Беличанец Алексиќ и се прости од неа откако беше пронајдена мртва во својот стан каде извршила самоубиство.

- „Билјана Беличанец влезе во канцеларијата. Два месеци откако ме назначија за директор. Седна како на жар карши мене, зад клуб-масата. Да и пратам порака дека е добредојдена и влегува дома, станав од директорската фотеља и седнав кај клуб масата. Ја понудив кафе, одби. Дојдов само нешто да ти кажам., рече. Те разбирам ако ме држиш на страна, ако не добивам улоги, зашто бев функционер кај оние, само дозволи ми да бидам овде, да го дишам театарскиот воздух. Стави ме и во шивална, ќе шијам, само да сум тука. Беше сериозна, а јас се насмеав. Реков: Билјана ти си една од најдобрите глумици во Македонија на сите времиња. Треба да играш и сакам да играш, ама не со игла и конци, туку на сцена. Таму би била од најголема помош. Имаш сојузник во мене. Сепак не заигра, иако требаше да игра главна ролја во една претстава, тоа се изјалови од други причини. Нејсе, затоа со ќеф прифати да биде дел од уметничкиот совет, кога ја поканив, откако ме предупреди дека може да си имам проблеми што е она во него. Баш ме заболе и реков. Се сеќаваш што ти кажав во канцеларија ко дојде? Се насмеа. Е па уште го мислам тоа и реков. И секогаш ќе го мислам. Го мислам еве и сега. Најдобра“, напиша Тасевски на својот фејсбук профил.

Актерката Јелена Јованова која ја гледавме во хит македонските серии „Преспав" и „На терапија"со емотивна порака се прости од нејзината постара колешка.

„Се надевам дека сега си на подобро место…
Се надевам дека таму нема да си изневерена од никого…
Се надевам дека таму ќе си прегрната од љубов која овде ти недостигаше…
Толку многу даде, а уште колку многу остана….
Тешко и за неверување маме..
Ти благодарам за СЕ!
Почивај во мир Билјана Беличанец“-напиша Јелена.

Весна Петрушевска или Весна Бејби е во шок и тага откако ја слушна веста за самоубиството на нејзината колешка и пријателка, Билјана Беличанец Алексиќ.

Актерот Васил Зафирчев се прости од својата колешка Билјана Беличанец, а неговите зборови допираат до сечие срце, дека починала како античка хероина.

И Македонската пејачка Калиопи денеска се прости од актерката Билјана Беличанец Алексиќ.

И Тони Михајловски се прости од својата колешка, Билјана Беличанец. На својот Фејсбук профил тој напиша:

-Честопати насмевката што ја носиме на лицата е само маска, која како бубаќ сопира да не излезе на виделина стерната од тага во нас.
Почивај во мир Биле.

Од актерката со раскошен талент се простија и Заев, Силјановска, Мицкоски и Груевски, како и поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.

Замина драга пријателке без да се поздравиме, замина без да кажеш збогум. Беше среќна на даските што живот значат а за нас пријатно чуството и радост кога те гледавме на нив. Се бореше со огромна енергија за секој дел од Кисела Вода да направиш нешто подобро. Твоите барања кон градот и кон мене беа со љубезност, молба и желба за подобара општина. Јас, насмевка и среќата успевав да ти изнудам на секоја средба и за секој проект што го направивме за Кисела Вода. Ќе ни недостигаш. Најди мир во вечноста Биле, напиша поранешниот скопски татко Коце Трајановски.

По смртта на Билјана Беличанец Алексиќ се огласи и екс-премиерот Никола Груевски.

Билјана Беличанец ја познавав како пријатна личност и одличен актер во Драмскиот театар во Скопје, но најмногу ја запознав како градоначалник на општината Кисела Вода.

Беше одличен и исклучително одговорен градоначалник на оваа општина која не располага ни приближно со доволно финасии колку што има реални потреби. Не е лесно човек да води таква општина со толку многу проблеми и очекувања од граѓаните а со толку малку финасиски ресурси.

Се бореше за општината како за свој дом. Соработувајки со градот, владата, странските донатори, компаниите, граѓаните и правилно распоредувајќи ги средствата на општината, со голем ангажман и посветеност, заврши многу проекти за општината и остави свој белег и пример како може во една таква општина со многу проблеми а малку сопствени приходи успешно да се менаџира.

Биљана имаше чесен приод кон работата, многу внимаваше да не направи грешка, сакаше секому да помогне и излезе во пресрет, да ги исполни дадените ветувања пред граѓаните и да си замине од функцијата со чист образ, како што и се случи.

Не дозволи да и се случи ниту една афера или гаф иако влезе со многу мало искуство на оваа функција. Се грижеше за секој детал и за секој кој и бара некаква помош. Не се колебаше да побара помош за предизвици со кои неможеше самата да се справи и соработуваше со сите во интерес на зацртаните цели за општината и граѓаните. Одлично менаџираше.

Многу чувствителна кон луѓето и со љубов кон работата.
Тешко ги примаше неправдите но се трудеше да не го покаже тоа. 
Со изразено чуство на одговорност кон обврските, како ретко кој. 
Многу внимаваше некого да не повреди, да не создаде болка некому.

Не сакаше кандидатура за втор мандат. Чувствуваше замор од преголемиот ангажман. Не се штедеше во работата.
,,Сакам само чесно да си го одработам овој мандат и со крената глава и чиста совест да си заминам. За следните избори нека добие шанса некој друг, а дотогаш ќе работам до последениот мој атом,, - беа нејзините зборови уште најмалку една година пред истекот на мандатот кои потоа неколкупати ми ги повтори.

Сакаше и се врати на театарот. Но, за жал не за долго.

Нејзиното прерано заминување освен за нејзините блиски е голема загуба и за сите кои ја познаваа, соработуваа или на било кој начин беа во контакт со неа.
Театарската публика загуби исклучително талентиран и искусен актер. 
Ќе ја паметиме по добро, бидејќи пред се, Билјана Беличанец беше добар човек.

Почивај во мир Билјана.

Пендаровски ја почна трибината со молчење за актерката, а Заев напиша дека е ненадоместлива загубата.

- Скршени сме од веста што пристигна за трагичното заминување на Билјана Беличанец. Јавноста е во тага и неверување што меѓу нас не е веќе една од најмаркантните театарски актерки која животот го посвети на публиката и на граѓаните. Не постојат зборови за утеха освен искреното и длабоко сочувство со болката. Нека е вечно сеќавањето на Билјана, напиша Заев.

Од неа се простија и Мицкоски и Силјановска.