Цела година не се мери загадување околу „Дрисла“

Надлежните во „Дрисла“ последните мерења на загадувањето околу депонијата на нивната веб-страница ги објавиле во декември 2017 година. Според Дијана Велјановска, шеф на Кабинетот на директорот Горан Ангелов, мерењата се скапи и не може да се прават често.

„Мерењата ги прави ФИНКИ и ние не сме во можност постојано да плаќаме за да се извршуваат овие мерења. Согорувањето е контролирано и се почитуваат востановените стандарди“, вели Велјановска.

Граѓаните во блиските населени места до скопската депонија „Дрисла“ реагираат дека постојано се чувствува енормната загаденост, мирис на чад од најразлични материи што согоруваат во печките на депонијата. Оваа состојба се влошува во вечерните часови.

Град Скопје се оградува и од таму велат дека тие немаат надлежност да бараат од „Дрисла“ да спроведува мерења.

„Депонијата ‘Дрисла’ поседува А-интегрирана еколошка дозвола и е единствената депонија во земјава која собраниот комунален отпад го депонира согласно со европските стандарди, а со тоа и контролата е во надлежност на Министерството за животна средина. Но, како дел од инцијативата на градоначалникот Шилегов и по барање на Градот Скопје беше поставен нов филтер на печката за согорување медицински отпад (исенератор), кој во претходните мерења покажа дека загадува повеќе од законски поставените параметри. Станува збор за филтер што е поставен на инсенераторот за согорување медицински отпад и тој ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксидот и другите честици што се ослободуваат при согорувањето. Поставувањето е во согласност со препораките на Државниот инспекторат за животна средина“, велат од Град Скопје.

Инаку, Град Скопје пред Нова година поднесе жалба на одлуката на Управниот суд да се раскине договорот со италијанскиот концесионер „ФЦЛ Амбиенте“ и да се склучи договор во германската фирма „Шолц“. Од Градот бараа да се врати депонијата целосно во сопственост на Градот, па дури потоа да се бара нов концесионер кој ќе биде обврзан да воведе најсовремени технологии за третирање на отпадот и ѓубрето на „Дрисла“.

Досега, германската фирма што учествуваше на тендерот пред 7 години двапати го обжалуваше договорот со италијанската фирма, по што Управниот суд пресуди дека поради неправилности во тендерската постапка треба да се склучи нов договор, но Град Скопје, додека градоначалник беше Коце Трајановски, повторно во двапати склучуваше договор со „ФЦЛ Амбиенте“.
Управниот суд донесе нова одлука со која наложува Град Скопје да склучи договор со германската фирма „Шолц“, за што сега Град Скопје поднел жалба.
Градоначалникот Петре Шилегов по неговото доаѓање на градоначалничката функцијата го покрена прашањето за „Дрисла“. Беа направени контроли, и беше изречена казна.
По жалбата, италијанската фирма „Амбиентале“ треба да ја напушти „Дрисла,“ но таа и натаму останува концесионер на „Дрисла“ а се чекаат новите чекори што ќе ги преземе Град Скопје кој стопанисува со 20 проценти со претпријатието.

На почетокот на годината „Дрисла“ беше казнета со 8 500 евра поради согорување медицински отпад.

Пред десeт месеци, пак, скопското Обвинителство по допрен глас отвори истрага против „Дрисла“ за кривично дело загадување на животната средина и природата од чл. 218 од Кривичниот законик.

Град Скопје во 2011 година ја избра италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ за концесионер на „Дрисла“. Тие ја добија депонијата на 35 години и, според договорот, во неа требаше да инвестираат 73 милиони евра.