Царовска: Состојбата во училиштата стабилна, вчера 0,01 процентот на новозаразени

Процентот на новозаразени во училиштата вчера бил 0,01, како и во двата дена претходно, а од 1 септември досега вкупните случаи не надминувааат 0,2 отсто. Според министерката Мила Царовска, тоа укажува на стабилност со вирусот во училиштата, но доколку Комисијата за заразни болести предложи промена на моделот, МОН ќе го примени.

-Министерството за образование и наука е во дневна координација со сите здравствени служби и неделно информира на состаноци на Главниот координативен штаб за состојбите во училиштата. Многу е значајно училиштата последни да се затворат, а први да се отворат и ова не е паушална изјава што ја посочувам како министерка, туку тоа е став на меѓународните организации УНИЦЕФ и ОЕЦД кои се грижат за квалитетот на образованието во сите држави во развој, меѓу кои е и нашата, изјави Царовска, додавајќи дека Владата одговорно ги следи сите инструкции, искуствата од другите држави и дека се утврдени и антиковид-протоколи.

На секои 15 дена таа има директна комуникација и коодинација со директорите на сите училиштата. За доследноста во примената на протоколите и дали некаде се почитуваат помалку, рече Царовска, надлежен е Државниот здравствен и санитарен инспекторат и инспекторите на терен.

-Досега се посетени повеќе од 60 проценти од училиштата од ДЗСИ и има минимални пречекорувања на почитување на протоколите во една општина и посочувања дека во некои училишта се уште тековно се гради и затоа се на онлајн-настава. Тоа се забелешките во извештаите што ги добиваме, рече Царовска при посетата на ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Карпош. За одговори за која општина и училишта се работи упати во Инспекторатот затоа што МОН, рече, не е надлежно за санитарниот аспект.

Според неа, посочување општини, училишта, наставници и ученици е покажување со прст со кое и не сакајќи може да се предизвика дискриминација, насилство или мобинг и тоа е спротивно на принципот за заштита на личните податоци.

Царовска соопшти и дека согласно барањата на општините, МОН досега од централно на локално ниво има дистрибуирано 3300 таблети, а набавени се 10 000 доколку се премине на онлајн-учење да се покријат потребите и на другите ученици. Покрај тоа, општините од сопствени набавки, особено за минатата учебна година кога се реализираше онлајн-настава, имаат распределено ИТ-уреди до учениците.