Царовска: Онлајн наставата може да се следи и од стари компјутери

Министерката за образование и наука Мила Царовска информира дека околу 800 училишта поднеле барање за одвивање на наставата со физичко присуство, од кои одобрение се дадени за 554.

За онлајн платформата, Царовска потенцира дека не требаат никакви посебни перформанси на компјутерите и оти таа работи и на најслабиот компјутер.

– Оваа платформа ја градиме денес за да ни трае во наредните 20, 50 години. Таа треба да се надградува, да расте и ќе има многу предизвици, но јас сум сигурна дека ќе ја поминеме годината ако сите веруваме дека децата треба да имаат стимулирање и да имаат информации коишто тековно ќе ги добиваат секој ден, рече таа.

Министерката за образование истакна дека не би земала за право да коментира здравствени одлуки и оти во еден објект треба да има 50 деца.

– Како министерка за образование не би земала за право да ги коментирам здравствените одлуки. Како што почитувавме инструкции од Комисијата заразни болести девет месеци и тие покажаа дека знаат да ја водат државата и да ја насочуваат целата ситуација во насока да немаме колапс во ниту еден систем. Ако има над 50 деца во еден објект, има проблем да донесат позитивна одлука. Зошто? Ризикот е за многу пати зголемен. Затоа одлучвиме да одиме безбедно. Имаме училишта коишти имаат 3, 7 или 12 деца во училница, но вкупно се 50 и тие добија дозвола. Но, имаме училишта каде што имаме седум деца, но има 20 паралелки и таму имаме 70 во еден објект, па таму не дозволија. Мислам дека сите треба да го гледаме својот дел. Сите треба да се грижиме да го организираме нашиот дом најдобро што можеме. И ако здравствените работници речат немојте. Зошто? Не ни кажуваат така за да ги остават затворени училиштата или дискриминираат, туку затоа што очекуваат и веруваат дека таму може да се создаде дополнителен ризик кој ќе го загрози не само здравјето на учениците, наставниците, туку и здравјето на целото население. Јас ги почитувам и стојам на одлуките што тие ги препорачуваат и одиме бебедно, посочи Царовска.

Во врска со најавата на Советот на родители на Општина Кичево за бојкот на онлајн наставата, Царовска ги повика сите родители, градоначалници и директори на училиштата да седнат и заеднички да ги надминуваат прашањата. Бојкотот на наставата, рече таа, не носи ништо добро за идните геренации во оваа Општина.

– Децата сакаат да бидат стимулирани, дали со физичко присуство, дали кратко ќе се проклучат на оналајн платформата, дали ќе добијат материјал. Дајте да им овозможиме на децата да бидат стимулирани. Ако не добиле позитивен одговор за физичко присуство, не е дека некој не сакал, туку заради тоа што здравствената и епидемиолошка состојба е ризична во тој момент или заради тоа што има многу деца во мал простор. Да почнат една недела и да имаме заразени? После тоа да нема место во болниците? Тоа не е решение. Да одиме безбедно, чекор по чекор, рече таа.

За учениците кои немаат ИТ-уред за следење настава од дома, од 1 октомври на програмата на националниот сервис ќе се прикажуваат 15-минутни видеа од часовите, согласно со распоредот на училиштата. Видеата ќе се прикажуваат на МРТ5 и МРТ6 и на каналите на јазиците на етничките заедници.